16 април, 2025
ПочетнаМАКЕДОНИЈАНационален младински совет: Оваа трагедија е системски хаос што владее со години!

Национален младински совет: Оваа трагедија е системски хаос што владее со години!

Од Националниот младински совет изразија жлење и сочувство за огромната трагедија во Кочани. Револтирани се од недостатокот на владеење на правото. Младите предупредуваат дека се повеќе на овој начин се зголемува желбата за иселување од земјава која се помалку од ден во ден личи на нормална држава.

Од Националниот младински совет на Македонија излегоа со најдлабоко сочувство до семејствата и најблиските на младите животи кои што згаснаа во трагедијата во Кочани. Според нив оваа незамислива загуба не е само лична трагедија туку страшен потсетник на реалноста во која секојдневно живееме, во која животот е несигурен, а институциите не функционираат, велат младите. Тие додаваат дека чувството на безнадежност станува се подлебоко.

„Оваа трагедија не е еден изолиран случај. Таа е директен резултат на системскиот хаос што владее со години. Недостигот на владеење на правото, корупцијата во секоја пора на општеството, непочитувањето на законите, нефункционалните институции и игнорантскиот однос кон младите создадоа држава во која трагедиите не се исклучок – тие стануваат правило. Години наназад предупредуваме дека младите во Македонија живеат во општество што не ги штити, не ги слуша и не им нуди перспектива. Наместо вистинска грижа, добиваме институции кои работат селективно, во интерес на поединци и елити, наместо на граѓаните. Наместо безбедност, добиваме инфраструктура што се распаѓа, јавен транспорт што е несигурен и систем што не презема одговорност. Наместо политики што ќе го подобрат животниот стандард, добиваме ветувања што никогаш не се исполнуваат“, велат од Националниот младински совет.

Младите прашуваат до кога ќе дозволуваме животот во оваа земја да биде прашање на среќа, а не на системска заштита? Дали и натаму ќе чекаме нова трагедија за да ги добиеме одговорите на прашањата што одамна се знаат? Денес, младите велат дека повторно се соочуваме со болка, но оваа болка не смее да остане само тага – мора да стане акција за:

„Одговорност и транспарентност – надлежните институции мора да ја преземат целосната одговорност за овој случај и да ги санкционираат сите одговорни, без исклучок. Доста беше со политички манипулации и селективна правда, доста беше со меѓупартиски префрлања. Владеење на правото – сакаме да живееме во земја во која законите важат за сите подеднакво, а корупцијата не е норма, туку исклучок кој се казнува. Системски реформи – потребни се итни и длабоки промени во институциите, бидејќи нефункционалниот систем не само што го уништува квалитетот на живот, туку директно ги загрозува и одзема животите на младите. Гарантирана безбедност за сите – оваа држава мора да создаде услови во кои младите ќе бидат сигурни и безбедни на улица, во училиштата, во превозот, на работните места, во клубовите. Вклучување на младите во одлучувањето – Доста беше со носење одлуки за нас, без нас! Ако не се слушне гласот на младите, ништо во оваа држава нема да се промени“, бараат од НМС.

Од Националниот младински совет велат дека не бараат празни ветувања, туку конкретно дела, безбедна средина за сите млади луѓе.Оваа држава мора да стане место каде што младите ќе сакаат да останат, а не само да заминат. Не сакаме оваа трагедија да биде само последица, туку и причина да креирираме нов систем кој се грижи за нас.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП