„Бидете спокојни, ќе дознаете“ – рече премиерот Христијан Мицкоски и најави нов заем од 500 милиони евра. Нова финасиска поддршка најавија властите, а според првичниот план ќе биде наменета за локалните самоуправи. Од каде ќе се обизбедат овие пари, премиерот замоли за трпение.
Уште не почнати да се трошат старите, власта најави ново задолжување тешко половина милијарда евра. И овој пат од пријателска држава, но од која и по кои услови засега надлежните не откриваат. Според планот, 500 милиони евра повторно ќе бидат наменети за модернизација на општините, и секако тоа се прави на неколку месеци пред изборите, чисто случајно што би рекле властите.
„Половина милијарда евра ќе бидат вложени во реконструкција на локални, регионални и експресни патишта. Ќе се поврзуваат општина со општина со локални и регионални патишта“, изјави премиерот Мицкоски.
А општините веќе на два јавни огласи аплицираше за проекти кои треба да го подобрат животот на своите граѓани. Од улици, паркови, атмосферски канализации, реновирање и изградба на објекти за јавно добро, актуелните градоначалници инвестираат во проекти со кои ќе бараат нов мандат од своите сожители.
„Македонија сега се гради. Таа седум години се разградуваше, уништуваше, се понижуваше, омаловажуваше, нешто што сега е поинакво. Не само декларативно, туку и суштински сме поставени како пријатели и партнери кон локалните самоуправи, заради тоа што сме цврсто убедени дека не може да има силна држава доколку нема силни локални самоуправи“, вели Мицкоски.
Последното големо задолжува земјава го доби од Унгарија каде треба да се врати камата од 3,25 отсто. Сега се поставува и прашањето, за колку ли ќе се зголеми јавниот долг на земјава со новото најавено задолжување, ако се знае дека веќе долгот на државата надмина 60 отсто од Бруто домашниот производ. Но тоа нема многу да ги засега властите бидејќи опасностите од продлабочивање на јавниот долг се видливи само во опозиција, за власта тоа е секогаш можност за нови инвестиции.
И.П