До крајот на оваа година корисниците на паметни телефони со Android за последен пат ќе се збогуваат со гласовниот асистент на Google.
Како што најавија од Google, „во текот на следните месеци“ Google Assistant ќе биде заменет со Gemini. До крајот на годината, асистентот веќе нема да биде достапен на повеќето мобилни уреди или во продавницата за апликации.
Тие додадоа и дека оваа „надградба“ ќе донесе ново искуство во користењето на Gemini за секојдневните задачи.
Повеќе информации би требало да бидат достапни во наредните месеци, а дотогаш корисниците сепак ќе можат да го користат гласовниот асистент со класичниот повик „OK, Google“.
Од Google нагласуваат дека работат на подобрување на корисничкото искуство со Gemini пред целосно да го замени гласовниот асистент. Така, Gemini доби можност да започне со репродукција на музика, да вклучува стоперка и да активира апликации директно од заклучениот екран на уредот.
Корисниците на паметните телефони на Google Pixel 9 веќе знаат каков е животот без Google Assistant. Имено, Gemini е нивниот стандарден виртуелен асистент.
Интересно, Google тврди дека Gemini е понапреден од Google Assistant поради новите начини на обезбедување помош и информации преку алатки како што се Gemini Live и Deep Research. Корисниците ќе можат да проверат дали навистина е така во наредните месеци.