Остварениот раст е воден од позитивните движења кај бруто инвестициите и тоа од 1.7% и продолжениот висок раст на јавната потрошувачка од 6.8%, поврзан со остварувањето подлабок буџетски дефицит од 4.4% од БДП во споредба со иницијалната проекција од 3.4%. Растот на личната потрошувачка забави 0.2%, додека извозот е во минус од 6% а пак увозот е пораснат за 1.5%би на тој начин продолжија рефлекциите на зајакнати неизвесности кај трговските партнери. На производната страна, растот продолжи да биде воден од трговијатаи со 3.5%, а пак растот на градежништвото значајно се интензивираше со зголемување од 13.2%.
„Во четвртиот квартал од 2024, БДП се зголеми за 3.2% на годишна основа, продолжувајќи го забрзувањето кое отпочна претходно. Со тоа, целата 2024 се заврши со раст од 2.7% одразувајќи солидно остварување, и покрај уште присутните ранливости. Тоа е целосно во линија со очекувањата изразени во претходниот Макроекономски монитор и нашата проекција од 2.7% објавена во декември 2023“, велат од Finance Think.
Позитивната динамика на економијата се очекува да продолжи во текот на 2025 година. Finance Think останува на проекцијата за раст на БДП во 2025 од 3.5%, додека проектираниот раст на цените се ревидира нагорно, од 2.4% на 3.1%
Од министерството за финансии сметаат дека растот на БДП од 3,2% проценти во четвртиот квартал од годината е сигнал дека економијата почнува да се опоравува и постепено да се стабилизира. Од таму велат дека инвестициите се главна карика на концептот на оваа Влада и дека со тој концепт ќе се продолжи и во наредниот период.
„Економијата покажува значителни знаци на опоравување и стабилизирање – резултат на политиките што ги спроведува Владата. Потврда за истото стигнува од објавените податоци на Државниот завод за статистика за раст на БДП во последниот квартал од 2024 година од 3,2%. Затекнавме економија која беше во стагнација со раст на БДП од 1,2% во првиот квартал, 2,3% во вториот квартал. Тоа бараше итни и неодложни мерки на краток рок за да овозможиме економијата да почне да се опоравува и да се фокусираме на политики коишто ќе овозможат засилена економска активност со просечни стапки од 5%”, велат од Министарството за финансии.
Опозицијата обвинува дека политиките на власта се доказ дека се целосно надвор од реалноста. Од СДСМ велат дека владата ги убедува граѓаните дека живеат добро и дека економијата расте. Очигледно, немаат допир со секојдневието на луѓето, додаваат опозиционерите и ја повикуваат власта да излезе на улица и да ги праша граѓаните како ја оценуваат економската состојба и како навистина живеат.
„Економијата не само што не расте – таа тоне! Тоне и животниот стандард на граѓаните, кои секој ден имаат сè помалку пари. Цените ги оставивте да растат, платите не ги покачувате, но вашата плата не ја намалувате. Странските инвестиции си одат, работници се отпуштаат, а 83.000 граѓани годинава не земале плата. Срамно и жално е да ги лажете граѓаните од прес-конференции – тие најдобро знаат колку е тешко да се живее откако вие сте на власт. Не презедовте ниту една мерка за подобрување на животниот стандард, но беспрекорно ја заштитивте вашата плата. Вие и останатите министри се возите со приватни авиони, јадете манго и папаја во Владата – за тоа има пари, но за граѓаните нема!“, велат од СДСМ.
Проекцијата на Народната банка за ланската година беше дека економскиот раст ќе биде на ниво од 2,4 отсто.
И.П