10 март, 2025
ПочетнаМАКЕДОНИЈА„Која врска ти треба за да положиш од прва?“

„Која врска ти треба за да положиш од прва?“

Положувањето за возачка дозвола во Скопје станува сè поголем предизвик за кандидатите, не толку поради комплексноста на сообраќајните правила, туку поради праксата што се шири меѓу автошколите и испитните комисии – кандидатите многу ретко го минуваат испитот од прв обид.

Сè почесто се слушаат сведоштва дека, без разлика колку добро возат, тие ќе бидат „паднати“ на испитот најмалку два-три пати пред конечно да добијат дозвола.

„Совршено возев, но пак ме паднаа“

Мариела Христовска (22) од Скопје го полагаше возачкиот испит по третпат, но повторно беше одбиена.

„Инструкторот ми рече дека сум возела перфектно, но комисијата најде забелешка за нешто што реално не беше грешка. Ми кажаа дека сум застанала ’малку подалеку’ од знакот стоп, иако не попречував никому. Ова беше мојот трет обид, и веќе потрошив над 35.000 денари на часови, такси и повторни пријави“, раскажува Мариела.

Таа додава дека нејзиниот инструктор ѝ спомнал нешто што веќе го слушнала и од други кандидати – „Никој не положува од прва, освен ако нема некоја врска или ако не ’средат’ нешто“.

Реакција од инструктор: „Системот е таков“

Еден од долгогодишните инструктори во автошкола во Скопје, кој сакаше да остане анонимен, признава дека постои неформално правило според кое ретко кој кандидат положува од првиот пат.

„Јас можам да ги подготвам учениците до совршенство, но кога ќе дојдат на испит, не е до мене. Членовите на испитните комисии секогаш наоѓаат ситна забелешка за да го паднат кандидатот. Тоа значи дека мора да плаќа уште една такса за повторно полагање, што носи дополнителни приходи за системот. Вака работи оваа индустрија веќе со години“, вели инструкторот.

Според него, автошколите имаат интерес кандидатите да полагаат повеќе пати бидејќи така се зголемува вкупниот профит.

„Секој дополнителен обид значи нови приходи за сите – од автошколите до испитните комисии и институциите кои го спроведуваат тестирањето. Постојат луѓе кои за 3-4 испити даваат повеќе од 50.000 денари. Тоа не е мала сума за некого што е студент или штотуку почнал да работи“, додава тој.

Статистика што загрижува

Според неофицијални податоци, во последната година само 20% од кандидатите во Скопје положуваат возачки испит од првиот обид.

Останатите мора да полагаат повеќе пати, што значително ја зголемува цената на целата процедура.

„Не е чудно што луѓето почнуваат да бараат ’врски’ за да положат. Кога ќе потрошиш 40.000-50.000 денари, а сепак те паѓаат за нешто ситно, нормално е да бараш начин да го завршиш ова побрзо“, вели кандидат кој веќе четврти пат полага и не сака да го открива својот идентитет.

И покрај поплаките од граѓаните, надлежните институции ретко реагираат на ваквите обвинувања. Иако постојат механизми за жалби, малкумина кандидати веруваат дека ќе добијат праведен третман.

„Можеш да се жалиш, но тоа е залудно. Комисијата секогаш ќе тврди дека направи грешка. Дури и кога ќе одиш на нов испит, ќе те чека истата судбина. Никој не сака да ги загрози своите приходи, и сите знаат како функционира работата“, додава инструкторот.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП