Нападот како најдобра одбрана. Вака се објаснува однесувањето на власта по најавата на Сојузот на синдикати на Македонија дека до Владата ќе достави барање за минималната плата да биде 500 евра. Наместо одговор или простор за договор, од ВМРО ДПМНЕ на претседателот на ССМ му залепија етикета дека тој е портпарол на опозицијата. Трендафилов за Денар вели дека повеќе ништо не го изненадува. Кога треба власта да се изјасни со конкретен одговор веднаш етикетира на политичка основа, вели тој.
Наместо одговор или датум за следниот Економско социјален совет, власта продолжи да го етикетира Слободан Трендафилов дека е мотивиран од опозицијата да бара зголемување на минималната плата повисоко од законски утврдената сума. Трендафилов пред два дена достави предлог до Владата минималецот на први април да изнесува 500 евра, односно тој да се зголеми за 100 евра плус од тоа што им следува на работниците. Таквото зголемување синдикалецот вели дека е оправдано бидејќи за една година толку се зголемени трошоците за живот.
Од ВМРО ДПМНЕ велат дека опозициската СДС го постави Слободан Трендафилов на чело на ССМ, и според нив тој молчел додека на власт беа СДС, а сега глуми синдикалец. Слободан Трендафилов е избран за претседател на ССМ на еден крајно насилен начин, со изигрување на прописите. Трендафилов не можел да биде лидер на ССМ, бидејќи претходно не бил претседател на грански синдикат, туку секретар.
„Слободан Трендафилов нема автентично делување, тој го пресликува СДС. Народот го прочита Трендафилов, затоа што со ВМРО-ДПМНЕ платите растат и во образованието и во здравството, а со растот на економијата континуирано растат и во стопанството. Нелегалното поставување на Трендафилов на чело на ССМ беше дозволено од власта на СДС, целиот државен систем го одмолче незаконието, се со цел на чело на овој синдикат да дојде послушник кој ќе биде мирен додека на власт е СДС, а ќе глуми синдикалец додека тие се опозиција. Сега Трендафилов е во целост усогласен со СДС“, велат од ВМРО ДПМНЕ
“Ниту една навреда или политичко етикетирање нема да ме запрат во намерите работниците да добијат повисоки плати”, вели Трендафилов за Денар. Во вода паднаа и оправдувањата дека државнјата каса е празна и дека постојат непродуктивни работници. Ова е последен обид да се задржат луѓето во Македонија. Скапотијата ги јаде платите а работникот живее се потешко. Најстрашно е тоа што во ова време кога треба да се тргне земјава од самото дно, политичарите ги обвинуваат синдикалците за политиканство.
„За едните бев портпарол на ВМРО, за другите сум портпарол на СДСМ, и нивната перцепција секогаш зависи од позицијата во која се наоѓаат, односно дали се на власт или се во опозиција. ССМ работи за работниците, а ВМРО и СДСМ можат слободно да се обвинуваат меѓусебно, имајќи во предвид дека и едните и другите кога беа на власт беа и се против работниците. Борбата за зголемување на работничките плати е чиста работничка борба!“, вели Слободан Трендафилов претседател на ССМ.
Законското усогласување согласно со новата методологија, треба да биде од 1.700 до 1.800 денари, со што минималецот би скокнал од 22.500 на 24.400 денари. ССМ побара дополнително зголемување на минималната плата од 6.000 денари, со тоа што за оваа исплатена сума, работодавците од приватниот сектор една година да бидат ослободени од социјалните придонеси, односно државата да ги субвенционира придонесите. Дали власта ќе одговори позитивно на ова прашање или ќе го игнорира до крајот на месецот останува да се види. Зголемување на минималната плата чекаат над 30 илјади вработени кои земаат минимална плата.
И.П