Кина е подготвена за царинска, трговска или каква било друга војна со САД, соопшти денеска кинеската амбасада во Вашингтон.
„Ако САД навистина сакаат да го решат проблемот со фентанилот, тогаш вистинската работа е да се консултираат со Кина, третирајќи се едни со други како еднакви. Ако војната е она што САД го сакаат, без разлика дали тоа е тарифна војна, трговска војна или каков било друг вид војна, ние сме подготвени да се бориме до крај“, соопшти амбасадата на социјалната мрежа X.
Истовремено, кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека борбата против увозот на фентанил е американски „изговор“ за воведување царини врз Кина и дека контрамерките на Кина се „легитимни и неопходни“.
Министерството соопшти дека САД се единствени виновни за кризата со фентанил во таа земја и дека Вашингтон наместо да ги признае напорите на Кина да соработува по ова прашање, го обвинува Пекинг.
„Заплашувањето не не плаши. Силеџиството не влијае на нас. Притисокот, принудата или заканите не се вистинскиот начин за справување со Кина“, соопшти кинеското министерство.
Американскиот претседател Доналд Трамп ги зголеми тарифите за сите кинески производи од 10 на 20 отсто поради, како што тврди, неуспехот на Пекинг да ги запре испораките на фентанил во САД.