Американскиот претседател Доналд Трамп ја прекина воената помош за Украина, три дена по вербалниот судир со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа.
Претставник на Белата куќа потврди за Ројтерс дека помошта за Украина е прекината. Ова го продлабочува јазот што се отвори меѓу двајца претходно силни сојузници.
Овој потег уследи откако Трамп ја промени американската политика кон Украина и Русија по преземањето на функцијата претседател во јануари. Трамп зазеде попомирувачки став кон Москва – и по експлозивниот судир со Зеленски во Белата куќа во петокот, во кој Трамп го критикуваше дека не е доволно благодарен за поддршката на Вашингтон во војната со Русија.
„Претседателот Трамп јасно стави до знаење дека е фокусиран на мирот. Потребно ни е нашите партнери да бидат посветени на таа цел.
Белата куќа немаше директен коментар за обемот и износот на помошта или колку долго ќе трае паузата. Пентагон не можеше да даде повеќе детали.
Канцеларијата на Зеленски не одговори веднаш на барањето на Ројтерс за коментар, ниту пак Украинската амбасада во Вашингтон.
Трамп во понеделникот повторно рече дека Зеленски „треба повеќе да ја цени американската поддршка“, откако претходно налутено одговори на извештајот на Асошиетед прес во кој се цитираше изјавата на Зеленски дека крајот на војната е „многу, многу далеку“.
„Ова е најлошата изјава што Зеленски можеше да ја даде и Америка нема да ја толерира уште долго“, напиша Трамп на Truth Social.