Папата Франциско, кој е во критична состојба во болница со двојно воспаление на белите дробови, „добро се одмори“ во текот на ноќта, објави во вторникот Ватикан.
„Папата добро се одмори цела ноќ“, рече Светата столица во кратката изјава во една реченица, на 12-тиот ден од неговата хоспитализација.
Ова е најдолг престој во болница од почетокот на неговото папство во 2013 година.
Ватикан во понеделникот вечерта објави дека здравствената состојба на папата Франциско (88) покажува „благо подобрување“, иако и понатаму е „критична“.
88-годишниот папа беше примен во римската болница „Гемели“ на 14 февруари, откако неколку дена имаше проблеми со дишењето, а потоа му беше дијагностицирано воспаление на двете бели дробови.
Френсис, во последните две години страда од лоша здравствена состојба. Тој е особено склон кон инфекции на белите дробови бидејќи кога бил млад заболел од плеврит и му бил отстранет дел од едното белодробно крило.
„Кога се кажува на пациентот или на неговите најблиски дека неговата состојба е критична, обично мислиме дека на пациентот му е потребна специјалистичка поддршка за еден од неговите органи, на пример, белите дробови на вентилатор, циркулаторниот систем со лекови кои го поддржуваат срцето или одржуваат соодветен крвен притисок или дијализа за време на бубрежна инсуфициенција.
Во случајот на папата, најверојатно станува збор за респираторна инсуфициенција. На тоа не укажува само дијагнозата (билатерална пневмонија), туку и фактот дека на 21-годишна возраст бил опериран за отстранување на дел од едното белодробно крило. Затоа, неговиот респираторен систем беше секогаш под строга контрола.
Кај постарите луѓе, текот на пневмонијата обично е потежок поради неколку причини. Прво, тие имаат помалку резерви, што значи дека не можат толку лесно да ја надоместат „загубата“ на воспалениот дел од белите дробови. Второ, најчесто се оптоварени со други болести, на пр. хипертензија, дијабетес, исхемична срцева болест, која брзо доведува до циркулаторна инсуфициенција во веќе преоптоварен кардиоваскуларен систем.
Важно е да се запамети дека никогаш не се разболуваат само белите дробови. Сè е меѓусебно поврзано, а на здравствените проблеми на папата секако се придружила и циркулаторната инсуфициенција. Срцето не може да одржува притисок или да пумпа доволно крв до органите кога белите дробови откажуваат.