Фридрих Мерц, кандидатот за канцелар на Унијата ЦДУ/ЦСУ, која според првичните нецелосни резултати е победник на предвремените парламентарни избори во Германија, во неделата најави брзо формирање влада.
„Светот не чека нас. Светот очекува стабилна влада во Германија. „Денес славиме, а од утре треба да ги засукаме ракавите“, рече Мерц во седиштето на ЦДУ во Берлин, откако беше објавено дека Унијата ЦДУ/ЦСУ победила на изборите со 29 отсто од гласовите.
Мерц рече дека е свесен за задачата што му претстои, но дека ќе стори сé за да обезбеди Германија да добие ефективна влада што е можно поскоро.
Тој ја посочи и изборната кампања за која рече дека е жестока, но изрази почит кон политичкиот натпревар.
Германскиот канцелар Олаф Шолц го призна поразот на изборите и му честиташе на победникот Фридрих Мерц. Во исто време, тој ја презеде одговорноста за најслабиот резултат на Социјалдемократската партија на Германија (СПД) на сите повоени сојузни избори во земјата. Според првите нецелосни резултати, за СПД гласале 16 отсто од гласачите.
Според досегашните резултати, според кои Либерално-демократската партија (ФДП) како и новооснованата левичарска популистичка алијанса Сахра Вагенкнехт не го минуваат изборниот праг, Унијата би можела да коалицира со СПД, за што постојано се шпекулираше во текот на изборната кампања.
Во случај ФДП да влезе во 21 Бундестаг можна е коалиција на Унијата, СПД и ФДП, но и коалиција на Унијата, СПД и Зелените.
Фридрих Мерц во неколку наврати во текот на кампањата потенцираше дека соработката со АфД не доаѓа предвид.
Излезноста на овие избори, 84 отсто, беше највисока од обединувањето на Германија.