Кинескиот технолошки холдинг „Alibaba Group“ ја објави својата најбрза стапка на раст на приходите за повеќе од една година, покажувајќи го враќањето на неговиот трговски бизнис кон успех и големите чекори што гигантот ги прави во клучната област на вештачката интелигенција (AI), пишува „Bloomberg“.
Компанијата објави побрзо од очекуваното зголемување на приходите од продажба за 8% до 280,2 милијарди јуани (38,6 милијарди долари) во кварталот до крајот на декември, откако приходите од облак услуги го забележаа својот најголем квартален раст за околу две години. Цената на акцијата на „Alibaba“ порасна за повеќе од 6 отсто пред почетокот на трговскиот ден во САД.
„Alibaba“ се враќа откако бруталните владини мерки го уништија нејзиниот интернет бизнис, некогаш доминантна платформа за онлајн трговија во Кина. Бизнисот почна да се опоравува во 2024-та година, кога Џо Цаи и Еди Ву – двајца од најблиските соработници на коосновачот на „Alibaba“, Џек Ма – повторно ја презедоа и ги фокусираа инвестициите на вештачката интелигенција и е-трговија.
Одделот за облак, во кој се сместени различни проекти на компанијата поврзани со вештачката интелигенција и обезбедува компјутерска моќ на надворешни клиенти, ги зголеми своите приходи за 13% на 4,3 милијарди долари. Меѓународната продажба на е-трговија – поддржана од продавници како „AliExpress“ и „Trendyol“ – скокна за 32% во кварталот до крајот на декември.
„Alibaba“ ја зголеми својата пазарна капитализација за околу 100 милијарди долари во 2025-та година, иако вредноста на компанијата сè уште е далеку од врвот што го достигна пред репресијата. Самиот Ма се приклучи на избраната група од најголемите имиња во технолошкиот бизнис во Кина на самитот што оваа недела го свика претседателот Си Џинпинг. Ова го покажува враќањето на Alibabaпо долгогодишна репресија. На состанокот присуствуваа широк спектар на претприемачи од индустријата, особено од областа на вештачката интелигенција.
Ма беше најпознатата жртва на репресијата на кинескиот претседател врз интернетот и приватниот сектор во 2020-та година, кога властите ја спречија првичната јавна понуда на „Ant Group“, подружница на „Alibaba“.
Инцидентот го означи почетокот на повеќегодишната кампања за заострување на државната контрола врз економијата, заострување на нејзината контрола врз милијардерите во земјата и пренасочување на ресурсите кон приоритетите на Си, вклучително и националната безбедност и технолошката самодоволност. Ма, некогаш еден од најпознатите кинески претприемачи, исчезна од очите на јавноста одреден период.
Но, властите почнаа да го омекнуваат својот пристап бидејќи кинеската економија забави, а компаниите би можеле да помогнат во исполнувањето на амбициите на Си за лидерство во области како што е вештачката интелигенција. „Alibaba“, која раководи со една од најголемите платформи за облак услуги во светот, ги воодушеви инвеститорите оваа година со тоа што направи големи чекори во оваа област.