Крај на конфликтот е можен само со согласност на сите страни, а условите мора да бидат „прифатливи“, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио на прес-конференција по средбата во Ријад.
„Би рекол, за да заврши конфликтот, сите учесници во овој конфликт мора да се согласат на список на услови и тоа мора да биде прифатливо за нив“, рече Рубио.
Инаку, кабинетот на Рубио по средбата со руската делегација соопшти дека тоа е продолжение на разговорите меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин на 12 февруари, соопштија од кабинетот на Рубио.
Секретарот Рубио беше придружуван од советникот за национална безбедност Мајк Волц и специјалниот пратеник амбасадорот Стив Виткоф, тимот што претседателот Доналд Трамп го избра да ги обнови билатералните односи. Министерот за надворешни работи Лавров беше придружуван од помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков.
„Претседателот Трамп сака да ги запре убиствата. САД сакаат мир и ја користат својата моќ во светот за да ги зближат земјите. Претседателот Трамп е единствениот лидер во светот кој може да ги натера Украина и Русија да се договорат за ова“, се вели во соопштението.
Кабинетот на Рубио соопшти дека за време на разговорите во Ријад, двете страни се договориле за следниве прашања:
-Да се воспостави механизам за консултации за решавање на проблемите во билатералните односи, со цел да се преземат неопходните чекори за нормализирање на работата на дипломатските претставништва на двете страни;
-Да се назначат соодветни тимови на високо ниво за да започнат со работа за завршување на конфликтот во Украина што е можно поскоро, на начин кој е долгорочен, одржлив и прифатлив за сите страни;
-Да се постават основите за идна соработка за прашања од заеднички геополитички интерес и историските економски и инвестициски можности кои ќе произлезат од успешното завршување на конфликтот во Украина;
-Страните на денешните состаноци се обврзуваат дека ќе останат ангажирани за да се обезбеди напредокот на процесот во навремена и продуктивна насока.
„Еден телефонски повик и една средба не се доволни за воспоставување траен мир, мора да преземеме акција и денеска направивме важен чекор напред.
„Би сакале да му се заблагодариме на Кралството Саудиска Арабија што ни беше домаќин под водство на престолонаследникот Мохамед бин Салман Ал Сауд“, се заклучува во соопштението.