Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека нема да го признае исходот од какви било преговори во кои неговата земја не е вклучена.
Неговите коментари уследија откако Кремљ потврди дека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ќе разговара со американскиот државен секретар Марко Рубио и американскиот специјален пратеник за Украина Кит Келог во Саудиска Арабија за ставање крај на речиси тригодишната војна во Украина.
„Украина нема да учествува. „Украина не знаеше ништо за тоа“, изјави украинскиот претседател за новинарите за време на видео-конференција во Обединетите Арапски Емирати, каде што е во официјална посета.
„Украина верува дека сите преговори за Украина без Украина не можат да имаат резултати, не можеме да признаеме каков било договор направен без нас“.
Украинскиот претседател изјави за новинарите дека неговата државна посета на Саудиска Арабија во среда била однапред планирана и нема никаква врска со американско-руските разговори што треба да започнат во вторник.
Тој, исто така, повика на зајакнување на американските безбедносни гаранции како дел од клучниот договор за минерали што го отклучува огромното природно богатство на Украина во замена за поддршката од Вашингтон.
„Украина не е обичен снабдувач на суровини“
„Не е прашање само да се земе некој ресурс, туку прашање е што да се инвестира за да се извлече нешто од тој ресурс“, рече тој.
„Ние не сме само обичен снабдувач на суровини и мислам дека тоа треба јасно да се одрази во документот“.
Зеленски, исто така, рече дека ќе го покани Келог на првите линии на фронтот да се сретне со војниците за време на посетата закажана за 20 февруари.
Претходно, британскиот премиер Кир Стармер повика секој договор со Украина да биде „фер и траен“. Тој ја даде изјавата пред самитот на европските лидери во Париз за промена на американската политика кон војната во Украина.
„Треба да имаме реални и веродостојни одговори за тоа како секој прекин на огнот ќе биде траен, праведен и одржлив“, им рече Стармер на новинарите во Бристол, пред да замине за Париз на разговори.
„Последното нешто што сакам да го видам е пауза во борбите што едноставно му дава можност на Путин да се врати“, додаде тој.