Поранешниот министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир го повика Израел да ја продолжи својата кампања против Хамас во Газа, што во превод значи неселективни напади врз цивили и целосно уништување на цивилната инфраструктура, откако палестинската група соопшти дека ја одложува размената на заложници и затвореници закажана за сабота поради израелските прекршувања на договорот за прекин на огнот.
Овој екстремистички десничар рече дека Тел Авив треба да изврши „масовен напад врз Газа, од воздух и од копно, заедно со целосно запирање на хуманитарната помош за Појасот, вклучувајќи струја, гориво и вода“.
Бен Гвир повика на воени злосторства, велејќи дека пакетите со помош кои се веќе донесени и се во рацете на Хамас треба да бидат „бомбардирани“.
„Мораме да се вратиме во војна и да ги уништиме“, напиша тој на X.
Партијата на Бен-Гвир, Отзма Јехудит, минатиот месец ја напушти коалицијата со Нетанјаху во знак на протест поради договорот за прекин на огнот на Израел со Хамас.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вечерва одржува консултации со одбранбениот сектор за да разговара за неодамнешната најава на Хамас дека го одложува ослободувањето на заложниците поради израелските прекршувања на договорот за прекин на огнот во Газа до понатамошно известување, рече претставникот, додавајќи дека Нетанјаху утре ќе има состанок и со безбедносниот кабинет.
Од друга страна, група која ги претставува семејствата на заложниците ги повика посредниците за прекин на огнот да го спречат пропаѓањето на договорот, додека друга група, која ги претставува израелските воени ветерани, ја обвини владата дека намерно го саботира договорот за прекин на огнот.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац денеска и нареди на војската да се подготви за „највисоко ниво на тревога“ за секое можно сценарио во Газа, откако Хамас го одложи ослободувањето на заложниците.
„Им наредив на израелската војска да се подготви на највисоко ниво на тревога за секое можно сценарио во Газа“, рече Кац.