21 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАСонот во хотелите поскапе за над 20%

Сонот во хотелите поскапе за над 20%

Растот на цените и поскапувањето на сите производи и услуги е следен и од угостителскиот сектор. Официјалните податоци покажуваат дека за една година угостителските услуги се зголемени за 5,8 отсто. Поскапено е буквално се што се нуди во угостителството, од храна, пијалоци, ноќевања, туристички прошетки.

Податоците кои ги објави Државниот завод за статистика покажува дека најголем раст на цените има кај ноќевањата и тоа, за една година односно во јануари годинава во однос на јануари 2023 година цената на сместувачките капацитети е зголемена за 22,1 отсто.

Податоците велат дека храната која се служи во рестораните е поскапа за близу 2 отсто. Зголемување на цената има кај готвените јадења, печените меса и јадењата по порачка. Но, нови повисоки цени на годишно ниво има и кај варивата, салатите, и десетрите. По поскапи цени во угостителските објекти се продаваат и безалкохолните пијалаци и тоа за три отсто како и алкохолните пијалаци за 4,5 отсто. На месечно ниво растот на цените е помал.

„Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на цените на угостителските услуги во јануари 2025 година, во споредба со декември 2024 година, е зголемен за 0.2 %.

Споредено по групи на услуги, зголемување е забележано во групите Храна за 0.3 %, Безалкохолни пијалаци за 0.1 % и Ноќевања за 0.3 %. Индексот на цените на угостителските услуги во јануари 2025 година, во однос на истиот месец од претходната година, е зголемен за 5.8 %“, се наведува во извештајот на ДЗС.

Сепак, ваквите цени не ги откажуваат граѓаните да бидат редовни посетители во угостителските објекти. Сликата е позната, без разлика дали станува збор за работно време, или по работа, ноќните часови или пак во текот на викендите, угостителските објекти се тие кои имаат најмногу работа.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП