Негативниот тренд на индустриското производство продолжи и во последниот месец од ланската година. Официјалните податоци на државниот завод за статистика велат дека во декември 2024 година во споредба со истиот месец 2023 година производството во индустријата е намалено за 1,4 отсто. Загрижувачки податоци има и за бројот на вработени во индустријата, и тука статистичарите веќе со месеци објавуваат дека не само што е намален интересот за вработување во производствените капацитети, туку бројот на работници во фабриките се намалува со забрзано темпо.
Најголем минус на индустриското производство во декември 2024 година е забележан во секторот Рударство и вадење на камен, каде е забележано опаѓање од 10%, во секторот Преработувачка индустрија има минус од 1.1 %. Сепак во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација има пораст од 5.7 %. Според главните индустриски групи, производството во декември 2024 година, во однос на декември 2023 година, бележи опаѓање кај Капитални производи за 20.1 %, додека пораст бележи кај Енергија за 2.4 %, Интермедијарни производи, освен енергија за 3.7 %, Трајни производи за широка потрошувачка за 14.7 % и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 4.9 %. Податоците велат дека индексот на индустриското производство во периодот јануари – декември 2024 година, во однос на периодот јануари – декември 2023 година, изнесува 96.4.
„Намалувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство во следните оддели: Производство на текстил, Производство на облека, Производство на хартија и производи од хартија, Производство на производи од гума и производи од пластични маси, Производство на други неметални минерални производи, Производство на машини и уреди, неспоменати на друго место, Производство на моторни возила, приколки и полуприколки и Производство на мебел“, се наведува во извештајот на ДЗС.
Од друга страна, во негатива е и бројот на работници во индустријата. Последниот извештај на статистичарите вели дека во анализираниот период бројот на работниците е намален за 4,7 отсто. Најмногу работници во текот на годината си заминале од преработувачката индустрија каде има намалување од 5 %, во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација од 2.5 %, и во рударскиот сектро пад на бројот на вработени од 1,6 %. Индексот на бројот на работниците во индустријата во периодот јануари – декември 2024 година, во однос на периодот јануари – декември 2023 година, изнесува 99.7.
„Според главните индустриски групи, бројот на работниците во индустријата во декември 2024 година, во однос на декември 2023 година, бележи опаѓање кај Енергија за 3.3 %, кај Капитални производи за 3.0 %, Интермедијарни производи, освен енергија за 6.3 % и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 7.9 %. Додека пораст бележи кај Трајни производи за широка потрошувачка од 25.7 %“, се наведува во извештајот.
И сето ова се случува во време кога синдикатите и работодавачите преговараат за повисоки плати и подобри услови за работа. Од друга страна, властите се обидуваат да ја подобрат сликата но тоа засега некако не им оди од рака. Парите од унгарскиот кредит треба да ја подобрат состојбата, барем такви се најавите, но и тие средства веќе предолго се чекаат. Оптимизам дава единствено тоа што има благо зголемување на Бруто домашниот производ во третиот квартал од ланската година. Сепак кризата во Европа, а особено во Германија тивко го зема данокот и во Македонија.
И.П