Почна бојкотот на маркетите. Граѓаните од утрово ги заобиколуваат големите маркети како знак на револт поради континуираното зголемување на цените пред се на храната. Дали ова ќе ги освести трговците и во иднина нема да бидат толку алчни за профит останува да видиме. Занаетчиската комора со апел до пекарите, да ги продаваат нивните производи со намалени цени. Дел од трговците решија денеска да прават попис во своите дуќани, дел да ги затворат маркетите, а дел пак ќе работат и ги канат граѓаните на пазарње со екстра попусти.
Маркетите денеска во најголема мера ќе останат празни, без потрошувачи. Но оваа мерка не е од помодарство, со денешниот револт трговците треба да научат голема лекција, и во иднина не треба да си играат со трпението на граѓаните. Иако на социјалните мрежи граѓаните беа со поделени мислења во однос на денешниот бојкот, сепак денешната иницијатива мора да се оцени како успешна. Македонските граѓани се едногласни и рекоа едно гласно ДОСТА Е, ПРЕТЕРАВТЕ !
Ниту една мерка која властите ја донесоа не успеа да се носи со брзината на растот на цените на храната. По завршувањето на која и да беше мерка, во периодот потоа следуваше екстремен ценовен шок, а граѓаните започнаа да се откажуваат од производи кои преку ноќ за нив станаа луксуз.
Веќе се прават планови ваквите бојкоти да станат пракса, и тоа да се бојкотира на подолго време ланец на маркети кој нефер постапува во однос на ценовната политика. Потоа, нема да бидат поштедени ниту производителите, односно доколку се воочи дека одредени производи од некоја индустрија, како млечна месна или кондиторска или сл. Ги зголемуваат цените на производите неосновано, иницијатива за бојкот ќе следува и за нив.
Комората на занаетлии се огласи дека го поддржува бојкотот на маркетите. Занаетчиите испратија порака до пекарите, со пониска цена да го продаваат лебот и останатите нивни производи.
„Целосно го поддржуваме бојкотот на маркетите, меѓутоа апелираме до граѓаните секогаш кога ќе имаат можност да купат леб, други прехранбени продукти во занаетчиските пекари, други дуќани за да се поддржи локалното производство. Воедно, апелиравме и до занаетчиите да ги намалат цените на своите продукти. Ова е мал, но важен чекор за да покажеме дека локалната економија може да ги поддржи граѓаните со поправедни цени и подобар квалитет. Апелирам секогаш кога се во можност, не само за време на бојкотот, туку секогаш, купувачите да избираат продукт кај малите занаетчии“, велат од Комората на занаетчии.
Мнозинството граѓани се обедини за оваа мерка, а како можност за политички поени почувствуваа и политичките партии и владата. Но, реакциите во јавноста за нивното умилкување беше искритикувано. Наместо политичарите да поддржуваат бојкот треба да работат на подобрување на куповната моќ на граѓаните, законски решенија кои ќе ја подобрат конкурентноста и трговската и производствената дејност.
Инаку, денеска бојкот на маркети од страна на граѓаните има во речиси сите држави од опкружувањето.
И.П