Google официјално лансираше нова безбедносна карактеристика за уредите со Android, наречена „Identity Check“, која сега е достапна на уредите Pixel со Android 15. Функцијата има за цел да ги спречи крадците кои ви го крадат телефонот да пристапат до вашите дигитални сметки и чувствителни податоци.
Што е Identity Check?
„Identity Check“ бара биометриска автентикација за пристап до клучните поставки на уредот и сметката кога не сте на доверлива локација, како што е вашиот дом или работно место. Според изјавата на Google:
„Уредот што ќе падне во погрешни раце може да ги изложи на ризик вашите чувствителни податоци, оставајќи ве ранливи на кражба на идентитет, финансиска измама и прекршување на приватноста“.

Оваа функција ги штити следните поставки:
-Промена на PIN кодот на уредот,
-Оневозможување заштита од кражба,
-Исклучување на функцијата Find My Device,
-Враќање на уредот на фабрички поставки,
-Промена на биометриски податоци.
-Android Identify check функција
Слична функција беше воведена од Apple, наречена „Stolen Device Protection“, како одговор на случаите кога крадците забележале корисници како внесуваат лозинки на iPhone-и, а потоа ги користеле тие лозинки за да пристапат до приватни информации и да ги заклучат корисниците од нивните сметки на Apple.
Функцијата „Identity Check“ првпат беше воведена како бета опција како дел од декемврискиот Pixel Drop. Google најави дека наскоро ќе биде достапен на уредите Samsung Galaxy кои добиваат One UI 7, додека проширувањето на уреди од други производители се очекува кон крајот на оваа година.
Оваа иновација е клучен чекор кон подобрување на безбедноста на мобилните уреди, обезбедувајќи дополнително ниво на заштита на корисниците од кражба и злоупотреба на нивните лични податоци, пишува The Verge.