Германскиот тенисер Александар Зверев изјави дека навивачите треба да го почитуваат Новак Ѓоковиќ, кој денеска поради повреда го предаде полуфиналниот меч на Австралија опен во Мелбурн.
Зверев за прв пат во кариерата се пласираше во финалето на Австралија опен, откако Ѓоковиќ му го предаде мечот. Зверев пред паузата го доби сетот со 7:5 по тај-брејк.
Кога српскиот тенисер го предаде мечот, некои навивачи во Род Лејвер Арената го исвиркаа, што не му се допадна на Зверев.
„Ве молам, луѓе, не исвиркувајте играч кој го напушта теренот повреден. Знам дека сите си ги платија билетите и сите сакаа да видат одличен натпревар од пет сета. Но, мора да разберете – Новак Ѓоковиќ е некој кој е во овој спорт во последните 20 години даде се во животот“, изјави Зверев по мечот.
Натпреварот траеше час и 21 минута, а Ѓоковиќ не можеше да продолжи бидејќи скина мускул на четвртфиналниот меч против Шпанецот Карлос Алкараз.
Натпреварот се играше на топло време, последните 19 поени беа комплетирани со девет или повеќе удари, а првите четири гема траеја 31 минута.
„Нема човек кој повеќе го почитувам, а сакав мечот да трае пет часа. Немам ништо друго освен почит кон него“, додаде светскиот рекет број два.
Зверев рече дека забележал некои проблеми со противникот од другата страна на мрежата и дека забележал дека Ѓоковиќ „можеби малку се мачи“.
Ѓоковиќ ја повреди левата тетива на Австралија опен пред две години, но сепак го освои трофејот. Го загуби првиот сет против Алкараз, но успеа да победи со 3:1.
„Ако не може да го продолжи натпреварот, тоа навистина значи дека не може да го продолжи натпреварот. И ве молам почитувајте го тоа. И дајте му малку љубов на Новак“, рече Зверев.
Зверев за првпат ќе игра во финалето на Австралија опен, а противник ќе му биде победникот од дуелот меѓу актуелниот шампион италијанецот Јаник Синер и Американецот Бен Шелтон.
Во неговите претходни две Грен слем финалиња, Зверев загуби во пет сета на УС Опен во 2020 година и на минатогодишниот Ролан Гарос.