Власта е убедена дека ги има земено работите во свои раце кога станува збор за економијата и за подобрувањето на бизнис климата. Од Илинденска број два велат дека економијата е во фокусот на Владата на Македонија и во изминатите 6 месеци од својот мандат посветува внимание да направи промени кои што ќе донесат предвидливост за инвеститорите и подобри услови за инвестирање. Властите ги потенцираа зголемениот број на инвестиции од страна на странските бизнисмени во земјава но и како што велат подобрената предвидливост во работата која е клучна за домашните стопанственици.
За властите значаен аспект е инфраструктурата, а целта е да се покажат резултати на дело. Тие го напоменуваат завршувањето на експресниот пат кој го поврзува Скопје со Софија. Исто така, велат дека се близу до финализирање на патната делница во западниот дел од државата од Кичево до Охрид, на кој се работи повеќе од 10 години и сега се очекува во следните 2 години да биде завршен. За инвеститорите ова е многу важно особено затоа што во регионот на Охрид има многу странски инвестиции, додаваат властите.
„Во овие шест месеци од преземање на власта сме фокусирани на економијата и на она што треба да промениме и е важно за инвеститорите. Во изминатите 7 години се направени многу промени во даночната политика и затоа ние велиме дека треба да имаме предвидлива даночна политика, данок со рамни стапки и дека како и во преходниот период и во следните 4 години ќе биде стабилно и нема да правиме промени. Тоа е важно за компаниите да можат да ги прават своите планови. Се преземаат сериозни активности и во борбата со криминалот и корупцијата, активности на полето на фискална консолидација и намалување на буџетскиот дефицит, како и други реформи кои се важни за инвеститорите“, велат од владата.
Мора со сериозност да се земе податокот што третиот квартал од ланската година има зголемување на БДП од три отсто. Тоа е доволен показател дека нешто добро се случува во економијата, велат од Владата. Посветеноста, напорите и поддршката веќе може да се читаат и преку бројки, додаваат властите и велат дека во моментов се работи на реформи што се многу важни за државата и за инвеститорите, што значи се работи целосно да се смени концептот на работа и тој да биде заснован на професионалност.
„Она што е утврдено со Реформската агенда ќе го завршиме. Веќе се подготвува договорот за побарување на средствата и сме прва земја од петте во Западен Балкан што ги исполни обврските, што значи дека сме многу сериозни“, велат од Владата.
Дека има поместувања од мртва точка тоа е очигледно, но и натаму постојат голем број на предизвици кои мора итно да се решаваат. Индустријата е со месеци во минус, се намалува и бројот на работници во време кога стопанството кубури со работна сила. Работниците бараат повисоки плати и подобри услови за работа. Од друга страна работодавачите инсистираат да се укине недела неработен ден, а никој од газдите не сака да работи кога сите одмараат.
И.П