По две години постојан пад, пазарот на телефони конечно почнува да закрепнува.
Според анализата на „Counterpoint“, во 2024-та година, производителите ширум светот забележале годишен раст од 4% во продажбата на паметни телефони. Бидејќи во 2023-та година беше забележана најслабата побарувачка во последната деценија, време беше да се појават знаци на закрепнување.
Аналитичарите велат дека намалувањето на економскиот притисок ширум светот, како и имплементацијата на функциите со ВИ се главните двигатели на растот во текот на 2024-та година. Речиси сите пазари забележаа позитивни трендови на раст, предводени од Европа, Кина и Латинска Америка.

„Samsung“ продолжува да доминира, при што јужнокорејскиот гигант држи 19% од пазарот благодарение на многу силната побарувачка за неговата серија телефони „Galaxy S24“ и некои модели од серијата „А“. „Samsung“ е најуспешен во Западна Европа и САД.
„Apple“ е на второто место, но компанијата од Купертино забележа пад од 2% во 2024-та година. Причината е што серијата „iPhone 16“ не се продаде како што се очекуваше.
Интересно, трендовите на пазарот покажаа дека корисниците бараат повеќе премиум решенија кога станува збор за телефоните. Тоа значи дека просечната продажна цена на телефоните се зголемува. Во текот на 2024-та година, најголем раст е забележан во продажбата на телефони со цена над 1.000 долари/евро.
Иако статистиката нуди оптимистичка слика, аналитичарите се скептични дека пазарот на телефони целосно ќе закрепне во 2025-та година, или подобро кажано, не очекуваат да забележат продажба како што имавме пред пандемијата на коронавирус.