20 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗавршија празниците, а со нив и кошничката!

Завршија празниците, а со нив и кошничката!

Денеска е последен ден во кој граѓаните на располагање ќе ја имаат мерката „новогодишна кошничка“. Од утре веќе трговците ќе може повторно по свое видување да ги формираат цените на прехранбените производи. За ефектите е засега рано да се коментира, но тие ќе се знаат многу брзо, иако пред да заврши мерката многумина ја прогласија за неуспешна. А револт предизвика и лично кај премиерот Христија Мицкоски кој им се закани на несовесните трговци дека ќе бидат жестоко казнети поради алчноста која ја имаат и обидот да заработат на грбот на граѓаните во време кога сите сакаат да имаат што побогата трпеза.

Оваа мерка за празничната кошничка ги амнестираше трговците од одговорност затоа што за неа немаше официјална владина одлука, туку на своја волја трговците решија кои производи ќе ги намалат за 10 отсто. Се формираше листа од речиси 1000 прехранбени производи кои според бизнисот најмногу се купуваат во текот на новогодишните празници. Но првичните реакции на граѓаните беа дека многу мал број на производи кои се дел од нивната широка потрошувачка имаат намалени цени. Тоа многу го налути и премиерот кој препозна обид трговците да добијат екстра профит во ек на новогодишните празници. Тој на неколку дена пред Нова година се закани дека доколку се утврдат нерегуларности ќе има жестоки казни.

„Ќе побарам робусна, жестока акција од Пазарниот инспекторат затоа што добивам информации дека некои од маркетите шпекулираат и се служат со трикови. Јас со трикови не функционирам и тие што мислат дека ќе функционираат со трикови, се лажат. Не може тоа што на нив им беше дадено како право и можност за едни производи, сега да го прават со драматично зголемување на некои други призводи како маслото, лебот, јајца, брашно. Жестоко ќе се спротиставиме со оние што мислат дека не надмудриле. Срамота е ова што го прават пред празниците што доаѓаат. Сакавме да покажеме добра волја, а видете како враќаат. Ова не е коректно“, изјави тогаш Мицкоски.

Реакциите на граѓаните беа и дека во маркетите недостасуваа попустите на одредени производи кои се продаваа како пакет. На пример тегла мајонез, тегла краставички, конзерва грашак и вакумирани шунка и кашкавал по цена значително намалена од стандардната. Тоа не беше дозволено затоа што на сила беше мерка која предвидуваше само 10 отсто намалување на цената на еден производ.

Есенската кошничка даде минимални резултати, или речиси никакви во подобрувањето на куповната моќ на граѓаните, сега следуваат рамазанската и велигденската кошничка кои треба да се објават неколку дена пред овие верски празници.

Ставот на експертите и натаму е дека наместо вакви мерки потребно е зголемување на платите. Праксата покажала дека по завршувањето на ваква мерка цените вивнуваат толку високо што трговците си ги наплатуваат „загубите“ кои ги имале во текот на времето додека мерката била на сила.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП