Дел од вработените во министерствата и во неколку државни институции денеска ќе протестираат поради нивното незадоволство од платите кои ги добиваат. Со штрајк поради ниските примања веќе неколку дена незадоволството го изразуваат и вработените во Државното правобранителство. Од Владата велат дека вработените кои се изјаснуваат преку синдикатите дека бараат повисоки плати, тоа не го сториле со директно барење до власта. Синдикалците пак, контра владата, уверуваат дека на неколку пати им посочиле дека работите се алармантни.
Вработените на осум министерства, на Државниот завод за статистика, како и на Државниот архив, денеска од 11 до 11: 30 ќе протестираат поради игнорантскиот однос на властите за зголемување на нивните плати. Од УПОЗ, синдикат кој стои позади овие државни институции велат дека со години се бара зголемување на платите во јавниот сектор, но за овие незадоволни институции за сега нема интерес.
Од УПОЗ за Денар велат дека министерствата кои излегуваат на протест имаа истакнато барања за добивање додаток на плата уште пред носење на Буџетот за 2025 година. Со поддршка на ресорните министри до министерството за финансии велат дека се пратија Предлог – Колективни договори со 30% додаток на плата но сите беа одбиени од Министерство за финансии.
„Предвидено е да се протестира во периодот од 11 до 11 и 30 часот, по половина час, а локацијата ќе се менува секој ден. Во петок протестот ќе се одржи пред Министерството за финансии. Вработените во министерствата се дискриминирани во однос на нивните колеги од Службата за општи заеднички работи на Влада, Генералниот секретаријат, Министерството за здравство, образование, финансии кои добија 30 отсто“, велат од УПОЗ.
Од владата велат дека протестот на вработенитге во минситествата им е загарантирано право. Ставот на владата е дека никој досега од најавените институции кои протестираат не побарале зголемување на платите, но тоа го демантираа синдикалците.
Вработените под државна капа бараат зголемување на платите од 30 отсто. Овие протести следат откако вработените во Државното пртавобранителство решија да стапат во штрајк поради тоа што подолг период од владите како на СДСМ и сега на ВМРО ДПМНЕ бараат зголемување на платите за 30 отсто, но тоа не се случува.
И.П