9 мај, 2025
ПочетнаКОМПАНИИ„Prada“ размислува да го купи брендот „Versace“

„Prada“ размислува да го купи брендот „Versace“

Италијанскиот моден бренд „Prada“ размислува да го купи брендот Версаче. Ова во петокот го објави весникот „Il Sole 24 Ore“, цитиран од „Bloomberg“.

Компанијата работи со консултанти од „Citi“ за да одлучат дали да склучат договор, пишува италијанскиот весник, повикувајќи се на пазарни шпекулации. Според него, сопственикот на „Versace“ – „Capri Holdings“ – ја овластил „Barclay’s“ да најде потенцијални купувачи.

Италијанскиот финансиски дневен весник додава дека за „Versace“ се заинтересирани и други модни групи, како и приватни инвестициски фондови, но дека сѐ уште се разговара за вредноста на италијанската модна куќа.

Минатиот месец, „Women’s Wear Daily“ објави дека американскиот конгломерат „Capri Holdings“, кој исто така е сопственик на „Michael Kors“ и други модни групи, работи на наоѓање купувачи за некои од неговите брендови, вклучувајќи ги „Versace“ и производителот на луксузни обувки „Jimmy Choo“.

„Capri“ објави квартален пад на приходите поголем од очекуваниот во ноември, под влијание на оперативните проблеми на различни брендови и глобалното забавување на побарувачката за луксузни стоки.

Претставниците на „Prada“ сѐ уште не се изјасниле на темата. Акциите на компанијата не се променија значително откако се појавија информациите за потенцијалната зделка.

„Prada“ е една од ретките профитабилни компании во услови на глобален пад во луксузниот сектор. Неговата продажба се зголеми за 18% во третиот квартал од минатата година благодарение на брендот „Miu Miu“, кој ужива се поголема популарност кај помладите потрошувачи.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП