Денес, 12 јануари 2025 година, Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето за трошоците за зимско одржување на патиштата во земјава. Истражувањето покажа дека:
- ЈП за одржување на патиштата сè уште нема склучено договор со фирма за зимско одржување на патиштата низ земјава;
- За справување со снегот и мразот по патиштата и улиците, досега се склучени договори од 3,5 милиони евра;
- Оваа сума од 3,5 милиони евра допрва ќе расте бидејќи уште 13 тендери се во тек;
- Речиси и да нема конкуренција на тендерите за зимско одржување на кои просечно има по 1,4 понуди по тендер, а на 71 % од тендерите имало само по една понуда;
- Со најголема вредност од 1,3 милиони евра годишно е тендерот за индустриска сол на ЈП за одржување на патиштата;
- Градот Скопје и уште 8 скопски општини заедно ќе потрошат повеќе од 1 милион евра за улиците низ главниот град;
- Најмногу пари ќе добие фирмата Лугос ЛЦ – 2,3 милиони евра за две години, за индустриска сол за патиштата.
Истражувањето и базата на отворени податоци за склучените договори, за набавките во тек и за поништените тендери се наоѓаат на овој линк.
Истражувањето ги вклучува договорите кои се објавени на Електронскиот систем за јавни набавки заклучно со 10 јануари 2025 година.