Не стивнуваат политичките реакции на тема кој е заслужен за изградбата на 25 километарскиот инфраструктурен проект – експресниот пат од Крива Паланка – Длабочица па се до Страцин. Актуелните власти вчера ја пресекоа лентата и одржаа свечена церемонија заедно со поканети гости и граѓани да нагласат дека работат во интерес на народот. Тоа веднаш ги налути опозиционерите кои овој проект си го препишаа како нивно дело и дека само поради нивните политики сега овој дел од земјава ќе има модерен експресен пат кој ќе го намали времето за патување.
Премиерот Христијан Мицкоски им се заблагодари на работниците кои во последните пет месеци работеле на овој инфраструктурен проект, а тоа е времето од кога тој е на власт. По изјавата може да се заклучи дека претходниот период не му е важен иако овој пат се гради со години, но тогаш тој не бил менаџер на власта.
„Ќе ми дозволите и јас да се заблагодарам, најпрвин на секој еден рабоник кој што во изминативе пет месеци остави дел од својот живот овдека на оваа делница, употреби дел од својата енергија, секој атом од таа енергија го вложи во овој асфалт којшто ние денеска го газиме и го чекориме, наскоро и ќе го возиме. И тоа се оние луѓе кои што заслужуваат еден огромен аплауз, да ги поздравиме тие луѓе бидејќи тоа на нив многу им значи. Едно огромно благодарам од мое име и од името на Владата за сето она што го направија за овој краток период, иако како што кажа и директоро во јули месец немаше ниеден сантиметари квадратен асфалт, а денеска ја гледаме цела делница. Ви честитам и нека е со среќа користењето на овој пат,“ изјави премиерот Мицкоски.
Ваквите фалби и промоции ги налутија опозиционерите. Па по завршувањето на манифестацијата и тие се појавија на дел од трасата. И тие велат дека со гордост ја споделуваат веста за завршување на експресниот пат Страцин – Крива Паланка. Екс функционерите на извршната власт на СДСМ велат овој проект беше започнат од СДСМ во 2018 година и над 90% беше веќе реализиран до средината на 2024 година. Тие сега обвинуваат дека новата власт на ВМРО ДПМНЕ ги саботирала градежните работи се се цел овој пат да не биде пуштен на време.
„Да не беа блокадите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ овој пат можеше многу порано да се заврши во текот на 2024 година.
За жал и само за свои политички цели пратениците од тогаш позициската ДПМНЕ го кочеа овој проект како опозиција. Тогаш во Комисијата за финансирање и буџет ВМРО- ДПМНЕ со месеци го кочеше Предлог на законот за грант вреден 14 милиони евра кој беше потребен за завршување на овој експресен пат. Но, како и да е, денес зборуваме за завршен патен правец и граѓаните од утре ќе може да ги почувствуваат придобивките за стратешките проекти започнати во време на владата на СДСМ“, изјави Благој Бочварски поранешниот министер за транспорт и врски.
Слични вакви преписки имаше и по промената на власта во 2017 година, односно две годни потоа кога власта на СДСМ го пушти во промет автопатот Миладиновци- Штип. Тогаш сегашната власт од позиција на опозиција обвинуваше дека власта на СДСМ се кити со туѓи успеси и си препишува политички поени дека реализира проекти за граѓаните. Секако, власта на сегашната опозиција тоа го демантираше дека наследила проект со големи проблеми и морала таа се да решава. Како и да е, граѓаните се тие кои се гледаат и на крајот тие избираат на која приказна ќе веруваат, иако ниту една не е 100 проценти точна.
И.П