Претседателот на Бугарија Румен Радев денеска посочи дека со влезот во Шенген зоната земјата постигнала една од стратешките цели која е важна за граѓаните и развојот на бугарската економија.
Бугарскиот премиер Димитар Главчев истакна дека тоа е „историски момент“.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, им честиташе на Бугарија и Романија што станаа полноправни членки на Шенген зоната за слободно патување на Европската унија.
„Целосно во Шенген, каде што припаѓате“, изјави таа.
Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола истакна дека двете земји заслужиле да влезат во Шенген зоната.
„Тоа е заслужено. Посилен Шенген значи побезбедна и пообединета Европа“, рече таа.
Бугарија и Романија денеска ги укинаа контролите на копнените граници и станаа полноправни членки на Шенген зоната за слободно патување на Европската унија, приклучувајќи се на проширениот блок на земји чии жители можат да патуваат без проверки на пасошите.
Овој момент го чекаа 13 години.
Непосредно по полноќ, огнометот го осветли небото на преминот во близина на бугарскиот пограничен град Русе, додека министрите за внатрешни работи на Бугарија и Романија, Атанас Илков и Каталин Предоју симболично подигнаа бариера на мостот на пријателство што се протега по реката Дунав, објави Ројтерс.
Преминот е главна транзитна точка за меѓународната трговија, а тесните грла се вообичаени.
Проверките на воздушниот и поморскиот пат од Бугарија и Романија беа укинати во март 2024 година, но копнените проверки продолжија се додека Австрија минатиот месец не го отфрли ветото што го задржа со образложение дека треба да се направи повеќе за да се запре нерегуларната миграција.
Граничните контроли меѓу Франција, Германија, Белгија, Холандија и Луксембург првпат беа укинати во 1985 година.
Шенген зоната сега опфаќа 25 од 27 земји-членки на ЕУ, како и Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија.
Ирска и Кипар не се членки на Шенген зоната.