Рускиот претседател Владимир Путин му се извини на Илхам Алиев, претседател на Азербејџан, за, како што рече, „трагичен инцидент“ во рускиот воздушен простор и соборувањето на патничкиот авион на „Азербејџан ерлајнс“ што се урна во Казахстан пред три дена.
Во падот на патнички авион со 67 патници и членови на екипажот загинаа 38 лица, а 29 се спасени.
Иако руските државни медиуми, како и државната агенција за надзор на авијацијата, побрзаа да проценат дека причина за падот е јато птици кои го оштетиле моторот, извори блиски до истрагата потврдиле за Ројтерс дека авионот бил погоден од руски ракета за воздушна одбрана во Чеченија.
Путин му рекол на Алиев дека руската противвоздушна одбрана била активна кога авионот се обидел да слета во Грозни пред да се урне во Казахстан.
„Во тоа време, украинските борбени беспилотни летала ги нападнаа Грозни, градот Моздок и Владикавказ, а руската противвоздушна одбрана ги одби тие напади“, му рекол Путин на Алиев, без експлицитно да признае дека руската противвоздушна одбрана го погодила авионот.
Но, од неговото извинување произлегува дека соборувањето на авионот било последица на акцијата на руската воздушна одбрана над Чеченија. Кремљ соопшти дека двајцата претседатели имале „детални“ разговори за авионската несреќа. Тој исто така рече дека Русија „тесно соработува“ со Азербејџан и Казахстан во врска со несреќата.
Изјавите на азербејџанските официјални лица сугерираат дека Баку верува дека авионот бил погоден во воздух, додека САД рекоа дека имаат „рани индикации“ дека руската воздушна одбрана можеби е одговорна за падот.
Да потсетиме, Азербејџан вчера ги отфрли понудите за помош од руска Чеченија за настраданите од патничкиот авион на Азербејџан ерлајнс што се урна во Казахстан на почетокот на неделава.
„Ниту земјата, ниту нејзините граѓани нема да прифатат таква помош“, објави азербејџанскиот информативен портал Day.az, повикувајќи се на неименуван претставник на кабинетот на азербејџанскиот претседател.