Подобро запознавање со проблемот, но и размена на искуствата поврзани со булингот, ќе бидат овозможени на работилниците наменети за родители што и следната година ќе ги организира „Макпетрол“. Изминативе месеци компанијата реализира седум вакви едукативни средби на кои учествуваа над 1,500 родители. Настаните опфатија 10 од вкупно 26 општини што досега се приклучија и ја поддржаа општествено одговорната кампања на македонскиот бренд кој речиси 80 години е лидер во својот пазарен сегмент.
– Најзасегнати од булингот несомнено се децата и учениците, но родителите, заедно со наставните и со стручните служби во училиштата, се тие што најмногу можат да помогнат кога овој проблем ќе се појави. Нашата кампања придонесе комуникацијата за врсничкото насилство да стане поотворена и похрабра во Македонија, но свесни сме дека за оваа тема и натаму не е лесно да се зборува, особено од аспект на родител. Имајќи го ова предвид, искрено сме благодарни за секој родител што учествуваше на работилниците и особено ни е драго што беше голем бројот на тие што ги споделија своите лични искуства и гледишта поврзани со булингот. Тоа ни укажува дека вредноста на ова што го правиме е препознаена, односно ни потврдува дека во нашето општество постои свест за овој проблем и желба заеднички да го решаваме. Ние ќе продолжиме да придонесуваме за ова прашање, но и за многу други, особено за тие што ги засегаат децата и младите – вели Марија Јосифовска-Спасовска, член на Управен одбор и директор во „Макпетрол“.

