Како за многу работи така и за обврските кон државата во Македонија се чека до последниот момент. Иако утре е краен рок за поднесување на ДДВ 04 пријавите повеќе од две третини не ја поднеле соодветната документација до Управата за јавни приходи.
Даночниците апелираат граѓаните односно компаниите да не се доведуваат до несакани стресови и да избегнат санкција, тоа да го сторат во текот на денешниот ден. Очекувањата дека треба да стасаат огромен број на пријави во текот на овие два работни дена, дополнително може да го оптовари и системот на УЈП.
Од вкупни 7397 даночни обврзници кои имаат обврска да поднесат ДДВ -04 пријава во Управата за јавни приходи тоа го сториле само една третина од нив. Рокот истекува утре, а тоа дополнително може да го оптовари системот со образложение дека сега сите ќе побрзаат да не заработат санкција од државата за ненавремено поднесување на потврдата.
Од расположливите податоци најажурни се граѓаните или компаниите од Тетово а најмалку пријави досега биле пристигнати во УЈПО од Битола. Даночниците апелираат да не се одложува процесот.
„Поднесете ги вашите ДДВ – 04 пријави на време и избегнете непотребен стрес или санкции. Покажете одговорност и усогласеност во вашето деловно работење и бидете пример за одговорни даночни обврзници. Уште денес, поднесете ги сите потребни документи до вашите сметководители со цел навремено изготвување на ДДВ – 04 пријавите и доставување во рокот“, велат од УЈП
Навременото поднесување на ДДВ-04 пријавата е од исклучителна важност за правилното усогласување со даночните прописи, одржување на финансиската стабилност на бизнисите и за развојот на економијата, додаваат даночниците.
Управата за јавни приходи апелира до сите даночни обврзници да ги исполнат своите законски обврски навремено, за да избегнат казни и дополнителни финансиски трошоци. Апелираат дека Управата за јавни приходи и нејзините стручни тимови во секое време можат да обезбедат точни и јасни информации за даночните обврзници со цел успешно исполнување на даночните обврски.
И.П