И покрај владините мерки за намалување на цените на основните прехранбени производи, граѓаните сè уште не забележуваат значителни поевтинувања во маркетите.
Многумина истакнуваат дека намалувањата се ограничени на производи со помала потрошувачка, додека основните намирници остануваат со непроменети цени.
„Не гледам дека нешто е поевтино во маркетите. Само неколку производи, кои ретко ги купуваме, имаат намалени цени. На пример, ако има три вида јогурт од еден производител, намален е само еден од нив, и тоа оној што најмалку се купува“, вели 30-годишната Симона од Влае.
Од Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) посочуваат дека, покрај тековните мерки, потребни се дополнителни акции, особено во пресрет на новогодишните празници, со цел да се намалат цените и на производите што не се вклучени во тековната „кошничка“.
„Производителите и трговците можат да организираат новогодишни акции и за производите што веќе се намалени, со што дополнително би се намалила нивната цена. Со оглед на тоа што има намалување само кај одредени производи, со новогодишна акција може да се намалат цените на оние производи што не се во кошничката, како зејтинот, кафето и слично“, изјавија од ОПМ.
Оттаму додаваат дека со ваквите акции компаниите ќе покажат општествена одговорност и ќе придонесат за заштеда на семејниот буџет на граѓаните.
Исто така, потенцираат дека новогодишните акции можат да опфатат и производи чии цени зависат од берзанските цени, како кафето, какаото и шеќерот.
Од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) алармираат дека, наместо очекуваното намалување, трошоците за храна и пијалаци во декември се зголемени за дополнителни 397 денари.
Тие предлагаат во иднина трговците и стопанствениците да не бидат однапред информирани за мерките, за да се избегнат можни злоупотреби на штета на граѓаните и работниците.
„Минималната синдикална кошничка во декември е зголемена за 840 денари во однос на претходниот месец и изнесува 62.861 денари. Ова е дополнителен удар врз стандардот на работниците и нивните семејства“, изјави претставник од ССМ.
Граѓаните апелираат до надлежните институции за поефикасна контрола и спроведување на мерките, со цел вистинско намалување на цените на основните прехранбени производи и олеснување на финансискиот товар врз домаќинствата, особено во периодот на празниците.
Б.З.М.