Иницијативата Global Engineer Girls (GEG) на Групацијата Лимак ја освои наградата Партнерство за одржливост за 2024 година, организирана од Глобалниот договор на Обединетите нации. Наградата беше доделена во категоријата „Луѓе“ и претставува меѓународна потврда за успешните активности што Групацијата Лимак ги реализира за зголемување на учеството на жените во областа на науката, технологијата и инженерството – СТЕМ области, придонесувајќи кон остварувањето на целите за одржлив развој.
Global Engineer Girls е меѓународна филантропска иницијатива, која започна да се спроведува во 2015 година во Турција, а во 2022 година ги прошири своите активности и во други земји, вклучително и во Северна Македонија, трансформирајќи се во меѓународна програма. Главна инспирација за нејзиното покренување беше организациската култура на Групацијата Лимак за зголемување на застапеноста на жените во СТЕМ областите.

