16 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАДоколку има политичка волја цената на становите би се намалила за 40%!

Доколку има политичка волја цената на становите би се намалила за 40%!

Се почеста тема во јавноста е кога ќе може да се очекува намалување на цената на станбениот метар квадратен во Македонија. Градежниците се децидни дека додека има интерес цената не може да се намалува туку да се стабилизира на ова ниво на кое што практично е и денес. Претставниците на работната сила пак, односно синдикалците од градежниот сектор сметаат дека постои простор за надолна корекција на цените на становите. Од друга страна пак, државата реши дека може да биде конкуренција на приватниот сектор и преку изградба на станови ќе може да предизвика намалување на цената на новоградбата.

Во моментов цената становите во Скопје достигна и неверојатни три и пол илјади евра за еден метар квадратен. Се разбира ова не е просечната цена туку цена по која се продаваат станови во дел од зградите кои се наоѓаат во централното градско подрачје. Од ССМ сметаат дека побарувачката си го прави своето, но тоа не значи дека државата не треба да направи ред. Претставниците на работниот кадар кој е дел од градежниот сектор велат дека не ги оправдуваат овие цени на становите, особено не во Скопје.

„Веднаш треба да се стопира овој раст на цените во градежниот сектор. Овие инвеститори, кои практично не се ни градежници туку само инвеститори кои купуваат плацеви и градат згради се немилосрдни кон граѓаните, кон работниците, би рекле кон целото општество. Тие креираат цени кои се далеку од реалните и далеку од нормалните кои треба да ги има овој пазар“, велат од Синдикатот на градежништво при ССМ.

Доколку има политичка волја можно е да се намалат цените на становите и до 40 отсто, како што најави министерот за транспорт и врски Александар Николовски. Ова е ставот на синдикалците кои додаваат дека крајно време е да се направи ред во овој сегмент на градежништвото. Од ССМ гарантираат дека трошоците на градежниците не им се зголемени за 40 отсто за толку да биде зголемена цената од пред пандемијата. Затоа тврдат дека има и тоа како простор за намалување на цената на станбениот квадратен метар.

Од друга страна од Владата веќе најавија дека ќе се обидат и тие да направат притисок врз цената на становите, односно да ги натераат градежниците за корекција на цената која ќе биде во корист на граѓаните. Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, започна со изградба на згради со што надлежните сметаат дека со тој потег сериозно ќе се регулира пазарот на недвижности.

„Станбениот квадрат и во Битола и во Охрид и во Штип и во Скопје отиде многу високо и она што можам да го најавам е за овие 65 станови кои што ќе се изградат тука исто така ќе има и седум деловни простории како и 100 паркинг места, цената ќе биде за 30 до 40 проценти поевтина од она што е пазар во моментов во Битола, со што мислам дека ќе ставиме крај на уцените кои што ги прават градежниците со екстремно високи цени кои што не соодвестуваат на стандардот на македонските граѓани и луѓето се доведоа во ситуација да буквално се  иселуваат од државата затоа што не можат да си дозволат да купат стан или куќа и ова е само прв чекор“, изјави министерот за транспорт и врски Александар Николовски.

Властите сега најавуваат и повторно актуелизирање на проектот Купи куќа за млади со кој освен по поволни услови што ќе може да се купи, ќе може и да се изгради нова куќа.

Во меѓувреме, официјалните податоци на Државниот завод за статистика велат дека расте бројот на издадени одобренија за градење и тоа за 12 отсто во октомври годинава во однос на истиот период лани. А според податоците од последниот попис во земјава, секој трет стан во Скопје е празен. Овој податок покажува дека и натгаму купувањето на недвижности е еден од најсигурните начини на инвестирање на парите, но до кога тоа ќе биде исплатливо останува да видиме.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП