Денес, 9 декември 2024 година, Центарот за граѓански комуникации, Здружението на даночни советници и Активо ја објавија Анализата на користењето на податоците за вистинските сопственици во борбата против корупцијата во Северна Македонија. Анализата покажа дека:
- Надлежните институции во земјава малку ги користат податоците за вистинските сопственици во насока на спречување, откривање и санкционирање на перењето пари и во борбата против тероризмот, а се чини, воопшто не ги користат за други цели и за спречување корупција, криминал и злоупотреби во другите области.
- Институциите и надлежната Управа за финансиско разузнавање имаат различни податоци за бројот на случаи против перењето пари и финансирањето тероризам.
- Од 2022 до април 2024 година, Управата примила 194 иницијативи од надлежните органи од кои, натаму, изработила и поднела 21 извештај до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Дополнително, Управата во истиот период поднела до ова обвинителство и 50 извештаи за сомнителни трансакции, по сопствена иницијатива.
- Од вкупно 71 извештај што Управата го има поднесено до Обвинителството, 70 % се по сопствена иницијатива, а останатите 30 % по претходно примена иницијатива од некоја од надлежните институции.
- Од 17 институции во земјава со коишто Управата треба да соработува, од кои осум се директно наведени во законот дека треба да се борат против перењето пари и финансирањето тероризам, само две имаат конкретни бројки за случаите за коишто користеле податоци од Регистарот на вистински сопственици.
- Северна Македонија не ја презеде обврската што ја препорача ММФ за време за кризата со КОВИД-19 – да ги објави имињата на вистинските сопственици на фирмите што склучиле договор за јавни набавки поврзани со корона-кризата.
- Земјата не ја спроведе ниту заложбата од Националниот акциски план за Партнерството за отворена власт 2021 – 2023 да ги објавува јавно вистинските сопственици на фирмите понудувачи и на оние што добиле договор за јавна набавка.
- И Европската Унија и ОЕЦД имаат забелешки за недоволното користење на податоците од регистарот на вистински сопственици.
- За унапредување на користењето на податоците за вистинските сопственици во земјава се препорачува: проширување на опфатот на вистинските сопственици, олеснување на пристапот до податоците до поширок круг на заинтересирани страни, поврзување со други бази и податоци, поголема интероперативност меѓу институциите и унапредување на проверката на податоците.
За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на [email protected].