18 јануари, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАДржавната каса пред финале

Државната каса пред финале

Од утре предлог Буџетот за 2025 година се враќа на пленарна седница. Остануваат уште пет дена расправа помеѓу пратениците на власта и опозицијата. Што би можело да се промени во случај кога предлозите на опозициската СДСМ  не поминаа кај пратениците на ВМРО ДПМНЕ. Планот на владата е догодина да се испорача раст од 3,7 отсто а инфлацијата да се стабилизира на ниво од 2,2 отсто.

Амандманската расправа заврши, Предлог Буџетот се сели во големата сала во Собранието каде ќе се расправа за него уште пет дена. Во комисијата за финансирање и буџет можевме да се изнагледаме и да се изнаслушаме се само не конструктивна дебата која ќе направи подобрување на животот на граѓаните. За малку беа избегнати и неколку инциденти предизвикани од вербални расправии.

Сега Деловникот за работа на собранието предвидува дека еден пратеник во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на Владата може да говори повеќе пати, но не повеќе од 30 минути вкупно. Од Владата се на став дека за неколку месеци успеале да ја средат економијата во земјава, а од следната календарска година работата ќе биде сосема поинаква.

„За краток период од половина година Владата успеала да ја консолидира економијата и оти според проценетите податоци на Државниот завод за статистика, стапката на раст на бруто-домашниот производ(БДП) во третото тримесечје од 2024 година (јули, август и септември), пораснала за 3  проценти. Очекуваме раст сличен и повисок во четвртиот квартал (октомври-ноември-декември) од 2024, со што, би се доближиле на годишно ниво од 3 проценти, „што е многу повеќе од предвидените 1,8 проценти“, велат од Владата.

Опозиционерите предводени од СДСМ се разочарани од политичката култура на парламентарното мнозинство. Нивното образложение е дека не е можно да не биде прифатлив ниту еден амандман од нивните поднесени 204. А за фалбите на владата дека тие ја подобриле економијата, за СДСМ се чиста измислица.

„Политиките на СДСМ успешно одговорија на глобалните предизвици, ги зачуваа работните места и стандардот на граѓаните, ја намалија растечката инфлација, додека платите и пензиите растеа. СДСМ врати над 2,6 милијарди евра назад кај граѓаните со 9 пакети економска помош за граѓаните но и за компаниите во време на тешка криза. Инфлацијата ја намаливме на ниво пред кризата а платите ги зголемивме на историски највисоко ниво. Затоа и минатата 2023 година македонскиот БДП имаше реален раст од 2,1% иако економски беше далеку потешка и посложена. Истото се однесува и во однос на директните странски инвестиции кои оваа година се рекорни поради успешните политики на СДСМ, 99% се започнати во време на СДСМ а сега само се реализираа“, реагираа од СДСМ.

Инаку, Предлог буџетот за догодина  предвидува раст на економијата од 3,7 проценти и според Владата, тој е развоен, поткрепен со планирани средства за капитални инвестиции, проекти на општините и поддршка на стопанството. Вкупните приходи се планирани на ниво од 358,8 милијарди денари, а расходите на ниво од 400,2 милијарда денари. Буџетскиот дефицит, пак,со апсолутен износ од 41.350 милиони денари или 4 проценти од планираниот БДП. Инфлацијата се очекува да се намали на 2,2 процента како резултат на стабилизирањето на цените на основните прехранбени производи и на енергенсите на меѓународниот пазар, забавувањето на странската ефективна инфлација и поумерениот притисок од базичната инфлација. За извозот проекции за раст од 4,2 отсто, а за увозот од 4,4 проценти. За капитални инвестиции се планирани 50,5 милијарди денари, како и 349,6 милијарди денари за тековни расходи, како  исплата на плати, на пензии, социјални права, субвенции во земјоделството, поддршка на мали и средни претпријатија, на ранливи категории граѓани и за стопанството.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП