Новогодишната сезона оваа година добива посебно значење со новиот проект „новогодишна кошничка“, кој ќе стартува на 15 декември и ќе трае до 15 јануари.
Со над 600 производи на попуст, иницијативата има за цел да ги олесни празничните трошоци за граѓаните.
Идејата е поздравена од многумина, но не изостануваат и критиките за нејзината ефикасност и долгорочен ефект.
Што опфаќа кошничката?
На листата на производи на попуст ќе се најдат основни прехранбени намирници, како што се брашно, масло за јадење, млечни производи, месо, житарки, свежо и замрзнато овошје и зеленчук.
„Целта е да им се помогне на граѓаните во време кога нивните буџети се најоптоварени. Сметаме дека ова ќе донесе директна корист за сите, особено за семејствата со ограничени приходи“, брифираат извори од Владата.
Реакции од граѓаните
Додека едни го поздравуваат потегот, други остануваат скептични. Во анкета спроведена на улиците на Скопје, мислењата се поделени.
„Ова е прекрасна иницијатива“, вели Оливера Дојчиновска, мајка на три деца. „Празниците се секогаш голем трошок, а со ова можам да заштедам и да имам повеќе за моите деца“.
Од друга страна, Борис Попоски, пензионер, е помалку импресиониран.
„Попустите се добредојдени, но често тоа се производи што и онака не се многу барани или се со краток рок на траење. Би сакал да видам трајно намалување на цените, не само за празниците. Плус, кој ни гарантира дека трговците нема да ги покачат цените на производите пред 15 декември, а потоа да глумат спроведување на новогодишната кошница?“, вели Попоски.
Трговците со свои очекувања
Трговците исто така имаат свои очекувања од овој проект. Војдан Милески, сопственик на маркет во Ѓорче Петров, вели дека ова може да ја зголеми продажбата.
„Кога луѓето ќе видат попусти, тие купуваат повеќе. Но, важно е да има транспарентност и да не се користи ова за зголемување на цените веднаш по завршувањето на акцијата“, порачува Милески.
Експертите предупредуваат
Економистите предупредуваат дека ваквите краткорочни мерки не се доволни за да го решат прашањето со високите животни трошоци.
Според аналитичарите, попустите се само „козметичко решение“.
„Важно е да се разгледаат системски решенија, како подобрување на куповната моќ на граѓаните и стабилизација на цените“, велат експертите.
Новогодишниот дух под притисок на економијата
Иако „новогодишната кошничка“ е чекор напред, јасно е дека таа не може целосно да ги амортизира економските предизвици.
Сепак, граѓаните се надеваат дека барем за кратко ќе можат да го почувствуваат празничниот дух, без да го преоптоварат семејниот буџет.
Остатокот ќе зависи од тоа како оваа иницијатива ќе се спроведе на терен и дали ќе ја исполни својата цел.
Дали ова е почеток на поинаков пристап или само уште една „сезонска“ мерка, останува да видиме во текот на следните недели.
Б.З.М.