„Ford Puma“ добива целосно електрична верзија – ќе се вика „Ford Puma Gen-E“.
Моментално, „Ford Puma“ на пазарот може да се најде во хибридни и само бензински варијанти, а пред два месеци пишувавме за редизајнираната и подобрена верзија.
Единствената визуелна разлика што ќе ја има „Puma Gen-E“ е предната маска, за која се вели дека црпи инспирација од моделот„ Mustang Mach-E“.

„Ford“ го опреми своето најмало електрично возило во Европа со мотор кој има 166ks и 290 Nm максимален вртежен момент. Со батерија од 43 kWh ќе добиете 376 километри досег во основната верзија или десет километри помалку во понапредната верзија поради поголемите тркала.
Поддржано е брзо полнење до 100 kW, кое ја полни батеријата од 10% до 80% за 23 минути. Доколку ве интересираат спецификациите за брзина – од 0 до 100 km/h потребни се осум секунди, а максималната брзина му е 160 km/h.

„Ford Puma Gen-E“ тежи околу 1.490 килограми, што не е изненадувачки ако се земе предвид дека неговите димензии се 4.214 mm x 1.805 mm x 1.555 mm, со меѓуоскино растојание од 2.588 mm, така што се е исто како кај моделот со традиционален мотор.
Овој модел ќе се произведува во Романија, во Крајова, а веќе е можно да се нарача и во Европа, додека првите испораки се очекуваат на пролет. Цените моментално се познати само во Велика Британија, каде што почнуваат од 30.000 фунти.
