Дубаи ќе ја добие првата голема пиварница во Персискиот Залив, откако заедничкото вложување на „Heineken“ планира да започне со производство на популарни брендови на пиво во емиратот, пренесува „Bloomberg“. Тоа е клучен потег за регионот, кој долго време има строги ограничувања околу продажбата и консумирањето алкохол.
„Sirocco“, заедничко вложување меѓу „Heineken“ и „Maritime and Mercantile International“ со седиште во Дубаи, ќе започне со изградба на пиварницата кон крајот на следната година и ги обезбеди сите потребни дозволи, се вели во соопштението на компанијата. Изградбата се очекува да заврши во 2027-ма година.
Дубаи е деловен и туристички центар на Блискиот Исток и е меѓу најкосмополитските градови во регионот. Властите првпат дозволија консумирање и продажба на алкохол пред повеќе од 20 години, а оттогаш правилата постепено се ублажуваат поради растот на туризмот. Градот, исто така, неодамна им олесни на локалното население да купува алкохол со отстранување на акцизата од 30 проценти и таксата за лиценца за алкохол, иако продажбата на муслиманите останува ограничена.
Новата пиварница ги покажува чекорите што ги преземаат лидерите од Заливот за да ги отворат своите економии во муслиманскиот регион со конзервативни општествени норми. Владите на Блискиот Исток се повеќе се обидуваат да ја намалат зависноста од нафтата, а во Дубаи постои трајна желба да се привлечат туристи и странци да работат во градот.
Дубаи е дел од Обединетите Арапски Емирати, кои се вкупно седум. „Wynn“ со седиште во Лас Вегас го гради првото казино во регионот во емиратот Рас ал-Каима, а главниот град на ОАЕ, Абу Даби минатата година му даде дозвола на ресторан да продава точено пиво приготвено во просториите.
Пиварата во Дубаи на лице место ќе произведува брендови како што се „Heineken“, „Kingfisher“, „Amstel“ и „Birra Moretti“, а компанијата планира да ја прошири својата работна сила на 190 вработени со полно работно време, од 60 во моментов.
„Sirocco“, кој продава алкохол во ОАЕ речиси 20 години, вели дека локалното производство ќе ја зголеми понудата за да ја задоволи растечката побарувачка на пазарот каде што пристигнуваат повеќе од 17 милиони туристи секоја година. Исто така, ќе обезбеди „посвежи искуства со пиво“, се вели во соопштението на генералниот директор на компанијата Георгиос Полименакос.
Дубаи го посетиле 10,6 милиони туристите во првата половина од годинава, што е зголемување за 8% во однос на претходната година, покажуваат податоците на Владата. Градот доби 17,3 милиони посетители во 2023-та година во услови на силно закрепнување по пандемијата. Околу 20% од туристите годинава дошле од Западна Европа.