11 мај, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАСе крчка новогодишната кошничка – какви се очекувањата на граѓаните?

Се крчка новогодишната кошничка – какви се очекувањата на граѓаните?

Со приближувањето на новогодишните празници, македонските граѓани се соочуваат со нови економски предизвици.

Министерот за економија, Бесар Дурмиши, најави дека новогодишната потрошувачка кошничка ќе опфати околу 600 производи, значително повеќе од есенската, која вклучуваше 73 групи на основни прехранбени производи.

Ова проширување има за цел да ги задоволи зголемените потреби на потрошувачите во празничниот период, но истовремено предизвикува загриженост кај граѓаните за нивната куповна моќ.

Реакции од граѓаните

Многу граѓани изразуваат скептицизам за ефективноста на новите мерки.

Мирјана Трајковска-Дамјановска, мајка на две деца од Скопје, вели:
„Иако е добро што се проширува листата на производи, прашање е дали цените навистина ќе се намалат или ќе останат високи како и досега“.

Слично размислува и Петар Јовановски, пензионер од Битола:
„Со ограничувањето на маржите се надевавме на пониски цени, но во реалноста не видовме значителни промени. Се плашам дека и со новогодишната кошничка ќе биде исто“.

Има и граѓани кои се надеваат дека мерките ќе донесат барем малку олеснување.

„Мене ми се допаѓа идејата да има повеќе избор на производи, но важно е да не се зголемат маржите. Исто така, добро би било маркетите да организираат повеќе празнични попусти“, изјави Кристина Георгиева, млада мајка од Скопје.

Очекувања и предизвици

Иако владините мерки имаат за цел да го олеснат финансискиот товар на граѓаните, ефектите од претходните иницијативи, како есенската потрошувачка кошничка, беа ограничени.

Според анализите на Министерството за економија, цените на производите од есенската кошничка се намалиле во просек од 5% до 10%, но кај некои производи намалувањето беше минимално или воопшто го немаше.

Дополнително, Законот за нефер трговски практики, кој стапи на сила во септември годинава, требаше да ги намали цените на 2.547 земјоделски и прехранбени производи, но ефектите сè уште не се целосно видливи.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП