20 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАЌе донесе ли Дедо Мраз поевтини празници оваа година?

Ќе донесе ли Дедо Мраз поевтини празници оваа година?

Во пресрет на новогодишните празници, Министерството за економија и труд најави воведување на новогодишна потрошувачка кошничка со над 500 производи, со цел да се стабилизираат цените на основните прехранбени артикли и да се спречи нивно зголемување во периодот на зголемена потрошувачка.

Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, истакна дека оваа иницијатива е резултат на соработка со бизнис секторот, стопанските комори, синдикатите и Организацијата за заштита на потрошувачите.

Тој нагласи дека целта е да се спречи инфлацијата и да се обезбеди стабилност на цените на основните прехранбени производи.

„Со ова имаме две цели – да не дозволиме инфлацијата да оди нагоре, како и стабилизирање на цените на основните прехранбени производи. Министерството за економија и труд будно ја следи примената на Законот за нефер трговски практики. Договорите се потпишани со маркетите. Има детектирани два клучни проблеми, повратот на стоката и во однос на маркетингот. Со Владата, и со Комисијата за заштита на конкуренцијата ќе гледаме да донесеме соодветни одлуки кои ќе бидат во интерес и на производителите, и на добавувачите на маркетите и секако, во интерес на потрошувачите“, изјави Ристески.

Граѓаните со нетрпение ја очекуваат новогодишната потрошувачка кошничка, надевајќи се дека таа ќе донесе пониски цени на производите кои традиционално се користат за празничната трпеза.
Маргарита Петровска, домаќинка од Скопје, вели: „Секогаш за празниците трошоците се зголемуваат. Ако навистина има намалување на цените на основните производи, тоа ќе биде големо олеснување за нас“.

Слично размислува и велешанецот Игор Стојановски: „Со платата тешко се излегува на крај, особено кога цените растат. Се надевам дека оваа мерка ќе ни помогне да имаме пристојна трпеза за Нова година“.

Иако мерката е поздравена од јавноста, експертите предупредуваат дека нејзината успешност ќе зависи од ефективната имплементација и соработката меѓу сите засегнати страни.

„Важно е да се осигура дека намалувањето на цените ќе биде реално и дека нема да има скриени трошоци кои би го намалиле ефектот на мерката“, предупредуваат економистите.

Во меѓувреме, Министерството за економија и труд продолжува со консултации со сите релевантни фактори, со цел новогодишната потрошувачка кошничка да биде достапна за граѓаните во најскоро време.

Се очекува дека оваа иницијатива ќе придонесе за поевтина и подостапна празнична трпеза за сите граѓани.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП