Имало или немало мерки цените на храната никако да се стабилизираат. За еден месец трошоците за живот на едно четири члено семејство да се зголемуваат за над 10 евра е навистина многу. Опозицијата денеска повторно се обиде да ја убеди власта дека е потребно да се зголеми минималната плата, но и го намали ДДВ-то на храната. Власта порача дека не треба сега во опозиција да се глуми загрижениост, тоа требало велат од ВМРО ДМПНЕ да се направи во претходните седум години кога истите овие предлози биле доставени од нивна страна. Синдикатите пак прстот го вперија кој несовесните трговци кои и во оваа ситуација се богатат на грбот на граѓаните.
СДСМ понуди решенија за инфлацијата. Да се зголемат платите и да се намали ДДВ-то на храната.
„Укинување на ДДВ за основните прехранбени производи, со што семејствата би заштедиле до 2.000 денари месечно. Зголемување на минималната плата на 450 евра, што ќе обезбеди достоинствена заработка за секој работник. Доста беше политичка ароганција и инает, граѓаните осиромашуваат, време е конкретни мерки кои ќе го подобрат животот на граѓаните и ќе ја вратат економската стабилност“, велат од СДСМ.
Од ВМРО ДПМНЕ кретко им порачаа на опозиционерите дека челните лица на партијата не се во законодавниот дом да дадат поддршка на измените на законите кои ги предлага СДСМ. Според партијата на власт тоа е доволна причина дека опозицијата не е сериозна во намерите.
За ваквиот раст на трошоците на живот жестоко реагираа од Сојузот на синдикати на Македонија.Според нив евидентно е дека некој се богати на грбот на граѓаните и работниците, а не ги почитува мерките на Владата кои се креираат за да се помогне на граѓаните со ниски примања.
„Трговците покажуваат дека немаат општествена одговорност ниту почит кон Владата, ако имаме во предвид дека вредноста на Синдикалната минимална кошница во делот за храна и пијалоци, ден по завршување на мерката на Владата повторно е зголемен за 609 денари, а вкупната Синдикална минимална кошница за 772 денари и истата е со вредност 62.021,00 денари. Трговците ја искористија најавата за предходната мерка од Владата и ги зголемија неоправдано цените во месец септември со што вредноста на делот за храна и пијалоци се зголеми за 717 денари, со мерката имаше намалување од 965 денари, а денеска повторно зголемување од 609 денари со што се осиромашуваат работниците и граѓаните“, велат од ССМ.
Ставот пак на Владата е дека владините мерки донеле заштеди од 1.200 до 1.500 денари месечно за четиричлено семејство, а во комбинација со мерките за училишен прибор, заштедата во последните два месеца изнесува 3.000 денари. Но официјалните податоци велат дека заштедата од мерките за едно четири члено семејство изнесувала само 57 денари.
И.П