19 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАПачата стигна во месарниците, ама цената ги збунува граѓаните

Пачата стигна во месарниците, ама цената ги збунува граѓаните

Со доаѓањето на студените денови, домашната пача, традиционалното зимско јадење, се враќа на менито во многу домови.

Во месарниците низ Скопје веќе е достапен овој популарен деликатес, а цената за килограм изнесува од 200 до 220 денари.

Оваа цена, според дел од граѓаните, е повисока од очекуваното, но за други, квалитетот и вкусот ја оправдуваат сумата.

Пача од врвен квалитет 

Вработените во месарниците велат дека интересот за пачата е значителен, и покрај тоа што цената можеби за некого изгледа повисока.

„Оваа година килограм пача чини 220 денари, бидејќи состојките што ги користиме се од најдобар квалитет. Подготвуваме домашна пача според традиционален рецепт, без никакви додатоци или конзерванси. Процесот на подготовка е долг и бара посветеност, па цената е во согласност со трудот што го вложуваме“, изјави Марика П., вработена во една месарница во Ѓорче Петров.

Таа додава дека годинешната понуда веќе наидува на одличен прием кај љубителите на ова зимско јадење, особено кај постарите жители.

„Секогаш кога ја изнесуваме свежата пача, веднаш се распродава. Многумина ја купуваат не само за дома, туку и за подароци на блиски“, додава таа.

„Цената е висока“ 

Сепак, дел од граѓаните сметаат дека цената не е баш достапна за секого.

„220 денари за килограм пача е премногу. Порано беше поевтина, а сега многу семејства не можат да си ја дозволат“, вели Дарко Серафимов, жител на Ѓорче Петров.

Тој додава дека, иако ја обожава пачата, ќе се одлучи да ја направи дома, бидејќи така ќе му излезе поевтино.

Слично мислење има и Марина Валканова, која е редовна муштерика во локалните месарници.

„Ми се чини дека цените оваа година пораснаа за секаков вид храна. Пачата е традиционална, но не би ја купувала по оваа цена. Ќе почекам можеби да ја намалат“, ни изјави Валканова.

И покрај поделените мислења за цената, домашната пача останува симбол на зимските трпези во Македонија. Тие што ќе ја купат, велат дека вкусот вреди за вложените пари, додека други се надеваат дека со текот на времето цената ќе стане попристапна. 

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП