О2 Иницијативата со јавна реакција до народните избраници. Револтирани се што за прв пат оваа година немаат поднесено предлози за измени на Буџетот за 2025 година во областа на животна средина. Како причина претставниците од О2 велат дека никој од пратениците не ги известил навреме, а кога сами увиделе, рокот за поднесување на амандмани веќе бил изминат.
Според екологистите ова е чекор наназад во соработката со пратениците, како претставници на граѓаните во Собранието, од кои зависи носењето на Буџетот и кои амандмани ќе се усвојат, а кои не. Но од ова еко – здружение велат дека сепак тие поднеле предлози за измена, кои се надеваат дека ќе се предложат и усвојат како комисиски предлози на Комисијата за финансирање и буџет.
Од Иницијативата О2 велат дека сега до Комисијата за финансирање и буџет поднеле амандмани кои се скоро идентични како тие од минатата година, кога пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, како тогашна опозиција ги предложија. Сега како партија на власт со мнозинство во Собранието, екологистите се надеваат дека истите ќе ги инкорпорираат во предложениот Буџет за 2025 год., со образложение дека средства за бараните намени во Буџетот за 2025 нема.
„Кои се главните црти на Буџетот за 2025 од аспект на заштита на животна средина:
1.36% се планирани за заштита на животна средина, односно 103,4 милиони евра, рекордно до сега. Средствата, иако се голем исчекор од минатото, особено во споредба со годините пред 2024 година, се малку во однос на собраните даноци за животна средина и би требало да се дупло повеќе. 90% од средствата на Министерството за животна средина и просторно планирање, односно 77,8 милиони евра се наменети за капитални расходи. Во август оваа година со ребалансот на Буџетот за 2024, за прв пат се воведе нова владина потпрограма, инфраструктурни проекти во општините, во програмата децентрализација. Ова продолжува и во 2025 година. За добивање на овие средства општините треба да аплицираат со проекти до надлежните министерства. Од МЖСПП за оваа намена се одвоија 9,9 милиони евра во 2024, а за 2025 се планирани 7,8 милиони евра. Наша претпоставка е дека овие проекти во најголема мера ќе бидат за изградба на водовод и канализација“, се наведува во реакцијата на О2.
Од О2 сметаат дека иако досега за подобрување на стандардите во животната средина се предвидени рекордни срдства, сегак екологистите велат дека голем проблем ќе биде ако тие пари се користат за комунална инфраструктура, изградба на водовод и фекални канализации, нешто што општините треба да го реализираат. Во минатото овие изградби помогнати од централниот буџет беа дел од министерството за транспорт, а сега се бројат како заштита на животната средина.
Според податоците на О2 во Македонија годишно има над 3.800 смртни случаи поради загадувањето со PM2.5, што е 17.7% од вкупната смртност во државата. Секој 9 ти смртен случај кај новороденчињата е поврзан со загаден воздух. Средства за конкретни мерки кои ќе го намалат аерозагадувањето екологистите велат дека ги нема во буџетот за 2025.
„Нема средства за намалување на загадувањето од начинот на греење на јавните установи, домаќинствата, сообраќајот. Нема доволно средства за купување на мерни инструменти за континуирано работење на мониторинг станиците за квалитет на воздух. Во моментов 29 инструменти не работат. Секоја година се повторува истото сценарио, нема доволно резервни инструменти на лагер за да се заменат старите и тие што се расипуваат. Континуиран мониторинг на квалитетот на воздухот е неопходен за да се прати аерозагадувањето, преземат мерки при негово надминување и извршат потребните анализи. Нема континуирано мерење на тешки метали во воздухот барем на едно мерно место, согласно законските обврски. Средства за оваа намена нема во буџетот. Нашите предлози за амандмани се токму во овие насоки“, стои во реакцијата на О2 Иницијативата.
Дополнително екологистите напоменаа дека крајно време е да се реши проблемот со управувањето на отпад. Тоа треба да системски да се прилагоди за сите седум плански региони, со депонии во Мечкуевци, Русино, Мегленци и Доброшинци, проект започнат од претходната влада со обезбедување на средства од ИПА, Швајцарска влада и ЕБОР и е во различна фаза за секоја од овие депонии.
„За скопскиот плански регион државата нема предвидено средства за стандардизирање на Дрисла и развивање на системот за управување со отпад. Предлозите на О2 се наменети за скопскиот плански регион и Дрисла, каде е потребно сериозно вложување за да се добие еден современ одржлив центар за управување со отпад, кој жителите го заслужуваат со учество во скоро половина од БДП-то на државава.
Во делот на енергетиката, целта на државава за учество на обновливи извори на енергија во производство на електрична енергија, е хидроцентралите да сочинуваат 66% од производството на електрична енергија до 2030, имајќи предвид дека енергијата од ветерот и сонцето е нестабилна, за што е потребно балансирање на системот. Но екологистите повторно велат дека во буџетот нема средства за оваа намена.
Во однос на овозможување на индустријата да го замени јагленот, мазутот и слично со гас, потребно е да се донесе гасот до неа. За гасификација предвидени се само 1,8 милиони евра.
„Средства за најавените когенеративни централи на гас исто нема во буџетот. Загадена почва и подземни води – од жешките точки, започнато е чистењето на Охис од претходната влада, но оди многу побавно од предвиденото. Потребно е мобилизрање на средства за чистење на големата депонија и Пеленица. Давање на концесионири за чистење на Лојане, згурата од топилница Велес, не даде со резултат и потребно е државата да вложи и ги исчисти овие жешки точки на најсоодветен начин во најбрз можен рок. Исто и со депонијата на Југохром, од која водата од Рашче е загрозена и другите жешки точки. Средства за оваа намена во буџетот за 2025 нема“, стои во реакцијата на О2.
И додека екологистите и останатиот дел од невладиниот сектор кој се занимава со оваа проблематика секојдневно алармира за последиците од загадениот воздух, не само Скопје, туку и неколку други поголеми градови од Македонија се во тесна трка кој прв ќе му се доближи на Њу Делхи ако не може да го престигне, барем да биде со него лидер во светот по нивото на загаденост на воздухот.
За да биде иронијата поголема политичарите загриженоста за овој децениски проблем го гледаат само како опозиционери.
И.П