18 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАЌе има ли тепачка или само навреди и клевети на денешната расправа...

Ќе има ли тепачка или само навреди и клевети на денешната расправа за Буџетот за 2025 година?!

Од ден на ден се повеќе се вжештува атмосферата во собранието во Комисијата за финансирање и буџет. Власта и опозицијата како никогаш досега не можат да најдат заеднички јазик за предлог државната каса за 2025 година. Не само што се поднесени 300 амандмани туку реториката помеѓу пратениците на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ преминува и во повеќе од кавга. За малку беше спречен и поголем инцидент, ќе паднеше тепачка помеѓу првите луѓе задолжни за економските прашања во партиите, а тоа се Бојан Стојановски и Фатмир Битиќи.

Четврти ден по ред во матичната собраниска комисија се дебатира за предлог Буџетот за 2025 година. Власта ја бара поддршката и од опозицијата да се донесе овој стратешки документ бидејќи според парламентарното мнозинство, станува збор за буџет кој треба да ја застане на стабилни нозе државата. По неколкуте кризни години сите очекувања се дека во следната 2025та конечно ќе се почувствува економското стабилизирање на Македонија. Буџетот предвидува раст на платите, повисоки останати социјални трансфери, реализција на капитални инвестиции и поддршка на стопанството. На тој начин позитивните ефекти се неминовни, сметаат од ВМРО ДПМНЕ.

„Идната 2025 ќе биде развојна година со многу капитални инвестиции, развој на стопанството и зголемен животен стандард и благосостојба за граѓаните. За таа цел, владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ подготви развоен буџет, кој ќе ја поддржи и обезбеди раст на македонската економија од 3,7%. Во буџетот за 2025 година се проектира раст на приходите од ДДВ за 10.5% повеќе од сега, додека растот на приходите од царини ќе биде 20%, нешто што ВМРО-ДПМНЕ покажа дека е можно со напорно и домаќинско работење со преземањето на власта. Освен зголемувањето на приходите, Владата ќе ги намали и расходите, така што во делот на буџетската ставка набавка на стоки и услуги, следи намалување од 0.5%. Со вака зголемените приходи и намалени трошоци, во буџетот ќе останат повеќе пари кои што ќе завршат директно кај граѓаните. Токму затоа, буџетот за 2025 година вклучува и социјална компонента со која се предвидува зголемување на приходите на сите граѓани, така што ќе има покачување на платите и пензиите. Со буџетот за следната година ќе следи и ново покачување на платите на наставниците и образовните работници од основното до високото образование“, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Една од главните критики кои доаѓаат од собраниската говорница од страна на пратениците на СДСМ се дека властите со предложениот Буџет за 2025 година имаат намера да ги намалат парите за поддршка на домашните компании од 340 на само 220 милиони денари. Пресметката на опозцицијата е дека парите за поддршка на странски компании се зголемени.

„За компаниите кои вработуваат 80% од сите вработени во државата власта на Мицкоски предвидува помалку пари, а оние кои го носат профитот надвор повеќе. Ова не е фер пристап кон домашните компании и кон работниците во овие компании. Нема да има подобар животен стандард на граѓаните, дека Предлог буџетот на Владата е манипулативен и нема никаква јасна визија, не е развоен туку трошковен, недомаќински, предизборен и предвидува нереален раст на БДП од 3,7 отсто“, велат од СДСМ.

Според планот Комисиската расправа за Предлог-буџетот трае 10 дена и треба да заврши најдоцна до 30 ноември. Потоа расправата се сели на пленарна седница. Согласно законот, Буџетот за 2025 година треба да биде изгласан до 31 декември. Инаку, Владата планира догодина да собере 358,8 милијарди денари, но да потроши 400,2 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран во апсолутен износ од 41.350 милиони денари или на ниво од 4 проценти од планираниот БДП, а се предвидува раст на економијата од 3,7 проценти.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП