Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека сака да стави крај на војната во Украина во 2025 година преку дипломатски средства, додавајќи дека верува оти рускиот претседател Владимир Путин воопшто не сака мир.
Во интервју за украинското радио објавено денеска, Зеленски зборуваше за „навистина комплицираната ситуација на источниот фронт“, каде што руската армија забрзано напредува против сè помалку вооружените украински војници.
„Мораме да направиме се за да ја завршиме оваа војна следната година. Мораме да го прекинеме тоа дипломатски“, рече Зеленски, пренесува АФП.
Запрашан за условите неопходни за отворање на преговорите, тој оцени дека тие ќе бидат можни само доколку Украина не е сама со Русија и ако е силна.
„Ако разговараме само со Путин, само со убиецот, а сме во сегашните услови, без поддршка од важни елементи, мислам дека Украина би загубила во такви преговори“, рече Володимир Зеленски.
Според него, тоа нема да доведе до праведен крај на војната, предизвикана од руската инвазија во февруари 2022 година.
Украинскиот претседател изјави дека Путин се обидува да излезе од политичката изолација, но дека воопшто не сака мир.