Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, вечерва оцени дека разговорот меѓу германскиот канцелар Олаф Шолц и рускиот претседател Владимир Путин ја отвори „Пандорината кутија“ – затоа што ги поткопа напорите да се изолира Путин, пренесува Гласот на Америка.
„Сега може да има други разговори, други повици. Сето тоа е само многу муабет. И токму тоа го сака Путин долго време: за него е исклучително важно да ја ослаби својата изолација“, рече Зеленски во вечерното обраќање.
Зеленски претходно го предупреди Шолц да не разговара со Путин, велејќи дека тоа ќе ја намали изолацијата на рускиот лидер и дека војната ќе продолжи, објави претходно Ројтерс, повикувајќи се на неименуван извор од кабинетот на украинскиот претседател.
„Путин не сака вистински мир, тој сака пауза“, изјави изворот за Ројтерс, додавајќи дека Шолц однапред го информирал Зеленски дека ќе разговара со рускиот лидер.
Украинското Министерство за надворешни работи го осуди разговорот на Шолц со Путин како „обид за смирување“ што не ги унапредува напорите за постигнување мир.
„Разговорите само му даваат на Путин надеж за олеснување на неговата меѓународна изолација. Потребни се конкретни, силни акции кои ќе го принудат на мир, а не на убедување и обиди за охрабрување, што тој ги гледа како знак на слабост и ги користи во своја полза“, се вели во реакцијата на министерството.
Шолц денеска телефонски разговарал со Путин за војната во Украина, првпат во последните две години, соопшти германската влада.
Владиниот портпарол Штефен Хебстрајт рече дека во разговорот Шолц ја осудил „руската агресивна војна“ против Украина и го повикал Путин да ја прекине со повлекување на трупите што ја нападнаа земјата во февруари 2022 година.
„Канцеларот ја повика Русија да биде подготвена да преговара со Украина со цел да се постигне праведен и траен мир и ја нагласи непоколебливата решеност на Германија да ја поддржи Украина во нејзината борба против руската агресија се додека е потребно“, се вели во писмената изјава на Хебстрајт.
Се наведува дека Шолц ги осудил руските воздушни напади врз украинската цивилна инфраструктура и предупредил дека испраќањето севернокорејски војници во Русија да се борат во војната против Украина би значело сериозна ескалација на конфликтот.
САД, Јужна Кореја и Украина тврдат дека Северна Кореја испратила илјадници војници во Русија за да се борат против украинските сили.
Хебстрајт додаде дека Шолц претходно разговарал со украинскиот претседател Володимир Зеленски и дека тоа ќе го направи повторно по разговорите со Путин.
Владата не соопшти колку долго разговарале Шолц и Путин, а германската новинска агенција ДПА објави дека разговорот траел околу еден час.