Компанијата „Бамби“ вечерва соопшти дека започнала со производство на бисквити „Плазма“ со намален капацитет во фабриката во Пожаревац, по пожарот што во јуни се случи во таа фабрика.
Продолжувањето на производството, како што наведуваат во соопштението, ќе се одвива на единствената од трите производни линии, која не е оштетена од пожарот.
„Бидејќи се работи за само една линија, количината на „Плазма“ достапна на пазарот ќе биде помала отколку што беше случај пред пожарот, а компанијата ги повикува потрошувачите да се солидаризираат и да ја споделат својата омилена „Плазма“ со своите најблиски, до целосно стабилизирање на производството“, се додава во соопштението.
По првата фаза, долгорочниот план вклучува пуштање во употреба на преостанатите производни линии, како и продолжување на инвестициите во изградба и проширување на капацитетите на фабриката, соопшти компанијата.
Генералниот директор на компанијата „Бамби“, Драган Стајковиќ изјави дека линијата на која го произведуваат тој бисквит може да произведе третина од сегашниот капацитет, а враќањето на „Плазма“ во продавниците може да се очекува во наредните недели.