Акциите на „Reddit“ пораснаа за 25% во тргувањето пред пазарот, откако приходите и прогнозите на компанијата ги надминаа очекувањата, објави „Bloomberg“.
Социјалната мрежа, која излезе на берза во март, објави продажба од 248,4 милиони долари во трите месеци до крајот на септември, надминувајќи ја просечната проценка од 312,8 милиони долари. „Reddit“ е исто така профитабилен на „GAAP“ основа за прв пат откако излезе на берзата, објави извршниот директор Стив Хафман.
Цената на акциите на Reddit веќе се удвои во вредност оваа година пред да излезе финансискиот извештај.
Компанијата инвестира во рекламна технологија за подобра монетизација на својата голема публика – инвестиција која, според нејзиниот последен финансиски извештај, покажува знаци на исплатливост. „Reddit“, исто така, предвиде приходи од продажба за празничниот квартал помеѓу 385 и 400 милиони долари, надминувајќи ги проценките на аналитичарите од 356 милиони долари.
„Нашата хипотеза за ‘Reddit’, а тоа е дека клиентите на секоја компанија се некаде на ‘Reddit’, се потврдува. Имавме поголем успех помагајќи им на бизнисите да влезат на ‘Reddit’, да ги најдат своите клиенти на ‘Reddit’ и да ги пренесат нивните пораки“, коментира Хафман.
„Reddit“ излезе во јавноста речиси две децении откако беше основана страницата базирана на форум. Од пролетта, социјалната мрежа инвестира многу во својот бизнис со реклами, бидејќи се обидува поуспешно да се натпреварува со „Meta Platforms“ и „Google“ на „Alphabet“. Досега, компанијата лансираше неколку нови формати на реклами, вклучувајќи видео реклами и реклами за купување. Исто така, има потпишано партнерства за содржина со големи спортски лиги кои можат да ѝ помогнат да привлече огласувачи.
„Reddit“ склучува договори со компании за вештачка интелигенција (ВИ) како начин да го диверзифицира својот бизнис надвор од рекламирањето. Компанијата има договори за лиценцирање податоци со „Google“, „OpenAI“ и други развивачи на вештачка интелигенција кои ги користат податоците на страницата за обука на големи јазични модели. Во јануари, „Reddit“ потпиша договори за лиценцирање во вкупна вредност од 203 милиони долари кои ги покриваат следните неколку години.
Хафман рече дека компанијата ќе продолжи да има повеќе разговори со потенцијалните партнери за лиценцирање, но не именуваше конкретни компании.