Најголемите светски компании за храна и пијалоци, во просек, продаваат производи во земји со ниски приходи кои се помалку здрави од оние што ги нудат во земјите со високи приходи, покажува новиот извештај цитиран од „Reuters“.
Производите што ги продаваат компании како „Nestle“, „Pepsico“ и „Unileverсе“ оценети како дел од глобалниот индекс објавен од Иницијативата за пристап до исхрана (ATNI) – нејзино прво ажурирање од 2021-ва година.
Невладината организација откри дека меѓу 30 компании, производите што се продаваат во земји со ниски приходи имаат пониски резултати на системот за рејтинг развиен во Австралија и Нов Зеланд отколку производите што се продаваат во земјите со високи приходи.
Според системот за оцена на здравствени ѕвезди, производите се оценети на скала од 1 до 5 за тоа дали се здрави, при што 5 е најдобрата оценка и производ оценет над 3,5 се смета за поздрав.
Во земјите со пониски приходи, портфолијата на мултинационалните компании добиваат оценка од 1,8, додека во земјите со повисоки приходи, каде што се тестираат повеќе производи, оценка од 2,3.
„Многу е јасно дека она што овие компании го продаваат во најсиромашните земји во светот, каде што се сè поактивни, не се нивните поздрави производи“, рече Марк Веин, директор за истражување во „ATNI“.
„Ова е предупредувачки сигнал за владите во овие земји да бидат внимателни“, додава тој.
Ова е првпат индексот да ја подели оценката помеѓу земјите со низок и висок приход.
Според „ATNI“, индексот е важен бидејќи пакуваната храна игра сè поголема улога во кризата со дебелината, која сега е глобален феномен. Според Светската здравствена организација, повеќе од една милијарда луѓе во светот живеат со дебелина. Светска банка проценува дека 70% од луѓето со прекумерна тежина или дебели живеат во земји со низок и среден приход.
„Посветени сме на зголемување на продажбата на повеќе хранливи производи, како и на насочување на луѓето кон поурамнотежена исхрана“, рече портпаролот на „Nestle“ преку е-пошта, додавајќи дека компанијата исто така ги зајакнува производите за да помогне во справувањето со недостигот на хранливи материи во земјите во развој.
Портпаролот на „PepsiCo“ одби да коментира. Минатата година, компанијата постави нови цели за намалување на натриумот во чипсот и додавање состојки како цели зрна во својата храна.
„Признаваме дека секогаш треба да се направи повеќе и на ниво на бизнис и на ниво на индустрија“, рече Изабел Есер, главен службеник за истражување, квалитет и безбедност на храна во „Danone“, која е компанија со најдобри резултати во индексот.