Израелската војска изврши напади врз цели во Иран како одговор на, како што вели ИД, нападите од Техеран на почетокот на октомври, јавува Гласот на Америка.
„Како одговор на повеќемесечните континуирани напади на режимот во Иран против државата Израел – во моментов израелските одбранбени сили (ИДФ) вршат прецизни напади врз воени цели во Иран“, се вели во соопштението на ИД.
Не се споменуваа можни напади врз нуклеарни и нафтени постројки во Иран.
Израел вели дека има право и должност да одговори на нападите на Техеран и неговите посредници, кои вклучуваат ракетни напади од иранска територија.
„Нашите одбранбени и офанзивни способности се целосно мобилизирани“, се додава.
Обемот на нападот не беше веднаш разјаснет. Иранската државна телевизија јави дека неколку силни експлозии се слушнале околу главниот град Техеран.
Полуофицијалните ирански медиуми јавуваат дека експлозии се слушнале и во блискиот град Карај.
Гласот на Америка го праша Советот за национална безбедност дали претседателот Џо Бајден бил информиран за експлозиите во Иран. Портпаролот Шон Савет не одговори директно, но рече дека нападите се во тек.
„Разбираме дека Израел изведува насочени напади врз воени цели во Иран како вежба за самоодбрана и како одговор на иранскиот балистички ракетен напад на Израел на 1 октомври“, соопшти Советот.
Претставник на американската одбрана изјави за Гласот на Америка, „бевме информирани“ за нападите, „но не бевме вклучени“.
Сите дополнителни американски сили што Пентагон ги нареди на Блискиот исток претходно овој месец пристигнаа во регионот пред израелските напади врз Иран, изјави за Гласот на Америка друг претставник на одбраната на САД.
Дописникот на Ал Џезира од Техеран, Ресул Сердар Атас, известува дека Израел цели на повеќе локации низ Иран, вклучително на север, исток и југ, но главниот фокус на нападот бил Техеран.
Нападите првенствено беа насочени кон иранските системи за противвоздушна одбрана, ракетни бази и беспилотни летала.
Досега, иранските власти тврдат дека Израел не ги постигнал своите цели, велејќи дека нападите предизвикале само ограничена штета.
Иранските власти не пријавија жртви и тврдат дека нивниот интегриран, повеќеслоен систем за противвоздушна одбрана функционирал ефикасно, прикажувајќи ја ситуацијата како успешна.
Летовите се вратија во нормала низ Иран утринава, соопшти Организацијата за цивилно воздухопловство (CAO).
Џафар Џазарлу, портпарол на CAO, изјави за државните медиуми дека летовите ќе продолжат од 9 часот по локално време, набргу откако израелската војска потврди дека нејзините напади во текот на ноќта врз Иран завршиле.
Ниту меѓународниот аеродром Имам Хомеини во Техеран ниту другите аеродроми не беа изложени на какви било напади.